Ако падне Филипче поради стадионско лудило, тогаш остануваат само бројки и џемпери

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Во време кога настанува овој текст, јас сум во Скопје. Еве ме, седам во кафуле, сркам кафе, на соседната маса има едно младо момче, претпоставувам дека е малолетник, со „чобанска“ градба, кратко потстрижен, облечен е целиот во црно, а со волнени букви на маичката му пишува „Никогаш Северна“; над тој напис му стои македонското знаме. Исплетена „мустра“ од мајка која своето „чобанче“ го праќа во големиот и урбан град. Таквиот волнен напис му служи за идентификација со другите со истиот „предзнак на светоглед“. Типично за сите мачни приказни со воена иконографија: мајките плетат, а синовите им војуваат во војни, од кои можеби никогаш повеќе нема да се вратат, но ова денес што го гледам, не е тој случај.

Имено, пред неколку денови се случи страшна трагедија, изгоре модуларна ковид-болница во Тетово, а со неа изгореа и 14 наши сограѓани, нечии мајки, татковци, нечии синови и пријатели. Не познавам човек, барем од оние што јас ги познавам, да не беше уплашен, вознемирен и длабоко ожалостен. И очекувано, тоа беше идеална храна за нашите десничари да профитираат „морално“ и политички од страшната трагедија во Тетово.

Илузија на морална и колективна исправност

Вистина е, таквиот начин ним им овозможува да ја прифатат илузијата на морална и колективна исправност, „добрина“ и „христијанско милосрдие“, ама, се разбира, тоа е една голема илузија. Потоа, на сите дневни десничарски таблоиди врескаа за оставка на Филипче и за пад на Владата. Се разбира, мртвите не може да се вратат, па како изминува времето, сфаќам дека нивните барања се сѐ повеќе дегутантни.

Страшната трагедија во модуларната болница беше првата вест на сите телевизиски и онлајн-медиуми, а редакциските мајки, дебелогазите десничарски новинарчиња по општа практика, со рафални посмртни реторики и размножена морална супериорност, испишани со одвратни коментари, трештат на сите страни, од кои лелекаат и врескаат над судбината на несреќните луѓе кои страдаат во пожарот, па бараа да ја откинат главата на Венко Филипче, за по некое време, да не им биде доволно и тоа, туку ја бараа и главата на Заев. А најодвратно ми беше тоа што на тие валкани и бесчувствителни простаци, тие мешишта преполни со сало, не можеш ништо да им одговориш. Не можеш ниту да им кажеш – како не им е срам, како не им е непријатно, и како не им е страв пред Бога и пред здравјето на нивните деца да се изживуваат со туѓата несреќа, да повикуваат на оставки, а со тоа исклучиво да бараат политичко-партикуларен профит за ВМРО-ДПМНЕ, таа самораспадната партија, и ништо друго.

Се разбира, тоа беше десничарско стадионско лудило, јасен и недвосмислен симптом на самоникнат, примитивен фашизам. Кога нацијата ќе почне да се идентификува со трагедии, кога нацијата ќе почне да се идентификува со смртта, тоа значи дека нацијата е инфицирана со фашизам. Така беше во Германија, во 1933 година, а така е и денес, на страните на онлајн таблоидите и телевизиите.

Да бидам јасен: секое пренесување приватни чувства и афекти од смртта кон колективот, општеството, нацијата, е фашизам. Се разбира, тоа не го знаат дебелогазите десничарски новинарчиња, не го знаат тоа ниту мајките и татковците кои врескаат на социјалните медиуми и националните телевизии, тоа не го знае ниту „чобанчето“ кое има маичка на која со волнени букви пишува „Никогаш Северна“.

Нема ништо општествено попосакувано, повесело и поубиствено, па дури нема ниту поисплатливо од оплакување на туѓи трагедии, тоа соучество во туѓата болка и сочувствувања со нашиот „напатен“ народ, или како што милуваат да кажат – со нашиот „страдален“ народ.

Масовна хистерија преку медиумска манипулација

Сочувствувањето и солидарноста, како што е, всушност, и сѐ друго во тој десничарски свет, постои исклучиво преку форма на масовна хистерија предизвикана со помош на медиумска манипулација. Тука, се разбира, не може да стане збор за никакво сочувство и солидарност со жртвите од трагедијата во Тетово, затоа што сочувството и солидарноста со трагедија може да се случи само преку непосредноста. Која во националистичкиот свет е, апсолутно невозможна.

Ништожниците и расипаните вака ја поставија работата: ако се случи трагедија, Филипче е виновен, а ако е тој виновен, тогаш виновен е и Заев, а ако Заев е виновен, тогаш треба да падне цела влада. Откако ќе падне цела влада, така претпоставуваат „нацошите“, ќе дојдеме ние, па „фино-лепо“ ќе ги пратиме на столица. Може да биде и електрична, со сомневам дека би имале проблем со таквата моралност само кога вмровците би биле на власт. Во таков контекст, нема повеќе луѓе. Ќе ни останат само бројки и џемпери!

Од друга страна, Венко Филипче е едно од најдобрите нешта што ѝ се случиле на оваа земја. Не сум видел посмирен, постабилен и повнимателен човек. Нема потреба да се дружам со него за тоа да го знам. Доволно е да го слушнам што и како ги аргументира работите во политиката и здравството. Мојот став е дека Филипче не е хаусмајстор и електричар, туку врвен доктор и одличен политичар. Мојот став е дека треба да си ја продолжи својата функција која ја извршува. Трагедијата беше грозна и мачна, како што е грозна и мачна секоја индивидуална трагедија, ама ако тоа се користи за ликување и стадионска хистерија, тогаш не смее да стане збор за оставка и за пад на Владата.

Реков еднаш, ќе речам уште еднаш, ако падне Филипче, тоа јасно ни кажува дека во оваа земја луѓе повеќе нема, ќе останат само бројки и џемпери!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот