Ако Орбан падне од власт напролет, Груевски ќе го вратат дома

Фото: ЕПА/Ѓорѓи Личовски

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој е правосилно осуден на затворска казна во земјава, а живее во азил во Будимпешта под заштита на унгарските власти, ќе биде екстрадиран во Северна Македонија доколку се смени власта во земјата, најави денеска лидерот на здружената опозиција и главен ривал на премиерот Виктор Орбан, Петер Марки-Заи.

Парламентарните избори во Унгарија ќе се одржат напролет. Според последните анкети, рејтингот на здружената опозиција, чиј кандидат за премиер е Марки-Заи, е речиси на исто ниво како тој на десничарската партија Фидес, предводена од Орбан.

Марки-Заи неделава на партиски собир порача дека ако ја освои власта, веднаш ќе ги испорача во нивните земји Груевски, Јорданецот Заид Нафа и „другите криминални мигранти населени од страна на Фидес“.

Лидерот на унгарската опозиција Петер Марки-Зај на митинг во Будимпешта / 23 октомври 2021 / фото: ЕПА

Марки-Заи е конзервативен градоначалник на мал град во јужниот дел на Унгарија. Тој беше избран за кандидат на здружената опозиција пред десетина дена на внатрешни избори организирани од шест опозициски партии. Со освоени 50 отсто од гласовите, Марки-Заи ја доби довербата на блокот во конкуренција на Клара Добрев, потпретседателка на Европскиот парламент и кандидатка на либералната партија Демократска коалиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот