Ако ненадејно однекаде запука…
Ние допрва ќе го вкусиме бугарското пријателство, а Србите своето историско искуство го преточиле и во народна поговорка, што ја пренесувам како што сум ја слушнал: „Ако однекуд изненада запуца, одма удри на Бугаре, не можеш погрешити“.
Иако од моментот кога бугарската држава ги официјализираше век старите великобугарски, вмровски и профашистички ставови за непостоењето на македонската нација и на македонскиот јазик со парламентарни и владини потписи и мурови, и тој товар прегорени овчки брбушки ѝ го обнароди на Европа во форма на „објаснувачки меморандум“, веќе беше јасно дека нивното вето за македонските евроинтеграции е неминовно, сепак, нашиот политички врв издржа до крајот – до денешното одлагање на почетокот на преговорите со ЕУ – ладнокрвно, посветено и конструктивно, да се обидува да го сочува достоинството на процесот на европските проширувања.
Ова можеби изгледа неважно пред огромната штета што Бугарите ѝ ја нанесоа на Македонија и на Европа и, конечно, на самите себеси, но фактите и перцепцијата на виновникот за дебаклот – за подлецот во драмата – се од најголема важност во меѓудржавните односи, исто како што е тоа и во обичниот живот. Моралната победа никогаш не е само пусто утешение на послабиот, на оној што загубил, на жртвата, туку таа е единствената вистински човечка димензија на секоја победа.
Разликувањето помеѓу доброто и злото е највисокиот дострел на еволуцијата на човековиот вид, па секој нормален човек во Европа и во светот, веднаш и без двоумење ќе го препознае ништожникот во оваа уништена и од Бугарите испоганета европска процедура.
Бодеж во грб
Човековата морална интуиција – сосем независно од меридијаните и напоредниците – непогрешно го препознава оној што на соседот му забива бодеж во грбот; ненадејно, неочекувано, со пријателска насмевка и беспогрешно во мигот кога „пријателот“ е во најнеповолна ситуација; со низок замав, оддолу, за сечилото непопречено од ребрата да продре колку што може подлабоко за да му го раскине дробот на „братот“. Всушност, препознавањето на злото и во овој случај е исклучителен тест за моралноста, за праведливото однесување, и, конечно, за вистинското владеење на „европските вредности“ и во самата Европска Унија. Зашто, ова беше нивен, европски дебакл, а не наш. Тоа можеби нема да можеме на меѓународен план гласно да го изговораме, но не смееме никогаш да го сметнеме од ум.
Но, ние – моралните победници во овој гнасен перформанс – мораме да продолжиме и понатаму да се однесуваме морално супериорно, и првото што треба да го направиме е да им простиме на нашите братја, и да ги разбереме тие моќни и мистични мотиви што толку несопирливо ги наведуваа упорно да ја играат улогата на подлеци во историјата. Ние, Македонците, додека бевме во составот на моќната југословенска држава, никогаш не бевме во таква неволја за да го доживееме ова специфично бугарско искуство, но затоа Србите имаат што да раскажуваат на таа тема. Тие имаат можеби најмногу искуство на Балканите со тој специфичен – пријателски и соседски – бугарски замав, одзади, со нож под ребрата, и тоа со вистински крвави последици, зашто само од 1913 до 1941 го примале тој удар дури трипати. И, се разбира, секогаш ненадејно, кога биле во најтешка состојба, веќе згазнати од многу помоќен непријател.
Во 1913 година Бугарите ги нападнале без најава, сосем пријателски – како што реков, кога српската војска ги броела своите мртви и ранети од исцрпувачките битки во Првата балканска војна; во 1915 година, кога српската војска, влада и значаен дел од населението, се повлекувале пред германските армии, преку Ниш кон Солун, Бугарите извршиле пријателски напад од грб, им го пресекле на Србите патот кон сојузниците, и ги втурнале во незапаметена гибел и голгота преку албанските планини; и во 1941, кога Југославија била прегазена од Хитлеровите армии, Бугарите повторно упаднале со своите пријателски бајонети да им помогнат во неволјата… Да, ние допрва ќе го вкусиме бугарското пријателство, а Србите своето историско искуство го преточиле и во народна поговорка, што ја пренесувам како што сум ја слушнал: „Ако однекуд изненада запуца, одма удри на Бугаре, не можеш погрешити“.
Да се вратиме, меѓутоа, на вистинската тема – на тројната штета што бугарското историско проклетство ѝ ја нанесе на Европа. Прво, со истоварувањето на својот историски товар од сточен измет среде дневната соба на Европа, бугарскиот член на клубот ја испогани европската институција. Второ, покрај смрдеата што ги експлодира сите бриселски прозорци, бугарското вето ги компромитира и ги блокира и европските стратешки определби за вклучување на земјите на западниот Балкан во Унијата. И трето: Бугарите – а не ние – ја ставија Европската Унија во неблагодарна ситуација да мора јавно и срамно да ги гази сите фундаментални морални и меѓународно-правни принципи односно вредности врз коишто унијата е воспоставена, така што нејзините дежурни функционери, кутрите, немаат друг избор одошто да почнат проблемот на Унијата да го „билатерализираат“.
Искуството со Грција
Една успешна билатерализација на интерен проблем на Европската Унија ние веќе искусивме, во деценијата од успешните обиди да не се реши проблемот што Грција го имаше со нашето државно име. И тогаш Унијата еден проблем на нејзина членка, првин го билатерализираше, односно го претвори во проблем помеѓу една земја членка на Унијата и една земја кандидатка, за потем сосем да го до преквалификува како надворешен проблем на кандидатката.
Отпочеток, ние бевме моралните победници во изгубените битки за членство, а Грците – во очите на целата Европа и на целиот свет – беа „лошите дечки“ чиишто ирационални и навредувачки барања никој не можеше да ги сфати. Но, тогаш дојде катастрофалната вмровска пресвртница, во која нашиве лудаци почнаа да го градат државниот идентитет врз основа на малоумни замисли за „крвта и земјата“, за нашето античко македонско потекло, историја и идентитет. Им изградија чудовишни споменици на Алехандро и татко му среде престолнината, небаре овие хеленски кралеви се татковци основачи на нашата држава и нација, и веднаш во очите на целиот свет не претворија во налудничави и потенцијално опасни лудаци, и ги рационализираа и ги оправдаа грчките барања. За среќа, тој проблем дојде на ред да го решаваат најдобрите политички екипи од двете страни на границата, та тој заврши исклучително поволно за нас (земајќи ги предвид лузерските позиции до кои нѐ доведе ВМРО).
Веќе сега е јасно дека среќната околност да постојат добри политички екипи од двете страни на границата, во новиот „изненаден, но неочекуван“ проблем со братјата Бугари, веќе ја немаме, а ниту пак можеме да ја имаме, зашто токму овој политички врв на бугарската држава го истопори нивниот товар сточен измет на нашиот пат до Европа. И, врз темелните „вредности“ на Европа, да не заборавиме. Така што, ако земеме предвид дека бугарските вмровски „аргументи“ против Македонија безмалку се совпаѓаат со македонските вмровски ставови за значењето на комунистичките татковци-основачи на нашата држава: Македонија е злосторничка комунистичка рожба што треба да се избрише од сеќавањето, не сум сигурен колку многу конструктивна енергија и трпение им е потребно на нашиве да вложат за да го решат бугарскиот проблем. Ни останува само – не паметам чија – мудра поговорка: „Тие го држат часовникот, но ние го имаме времето“.