Ако нема „брат за брат“, барем да има „сирење за пари“

Зоран Заев Бојко Борисов
Зоран Заев, Бојко Борисов / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Македонија и Бугарија продолжија со преговорите за спорните прашања наметнати од  официјална Софија, во атмосфера во која од сите страни шуми дека „решение не е можно се додека Бугарија посегнува по македонскиот идентитет, историја и јазик“.

Патот кон излезот ќе се пробива преку Акцискиот план, со кој треба да се забрза спроведувањето на Договорот за добрососедство, но неизвесно е дали двете земји ќе го усогласат тој план затоа што и во него Бугарија ги повторила идентитетските барања, како што откри неодамна претседателот Стево Пендаровски.

Напредок се очекува и во работата на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, која вчера одржа подготвителна онлајн седница на која се дискутираше за технички прашања во пресрет на следната средба.

Деновиве премиерот Зоран Заев повтори дека кога бугарската страна ќе ги спомне идентитетските прашања, тие воопшто не дискутираат и дека фокусот ќе остане на Акцискиот план кој „се адресира на транспортот, изградбата на граничните премини, гасната мрежа, железниците, патиштата, на тоа што подобро нѐ поврзува со Бугарија, соработката во образованието, здравството, културата, спортот, дигитализацијата“. Заев рече и дека политичкиот дел е нешто за што треба да се разговара по изборите во Бугарија.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, нема да се најде решение сѐ додека Бугарија инсистира да ни наметне преговори за македонскиот идентитет.

– Македонската страна нема да прифати да разговара за идентитетските прашања со Бугарија, уште помалку тие прашања да станат дел од преговарачката рамка. Но, иако нема да нѐ доведат до членство во ЕУ, овие разговори со Бугарија не смеат да престанат. Двете држави треба да извлечат максимален економски бенефит од изградбата на патишта, пругата, соработката на компаниите итн. Но, нема да се случи некој значаен политички исчекор – вели Трошановски за „Слободен печат“. 

Прашањата за кои вчера се дискутираше во мешовитата историска комисија, како употребата на придавката македонски во записниците од состаноците или во името на самата комисија, дали македонска или комисија на Северна Македонија, според Трошановски не се несуштински теми и се дел од рамката во која понатаму оваа комисија ќе ги решава отворените прашања од историјата.

Претставници на бугарско-македонската комисија на вчерашниот онлајн состанок требаше да ги прецизираат текстовите на записниците од претходните средби, кои сè уште не се потпишани и не се очекуваше да дискутираат за историски прашања. Копретседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев пред состанокот потврди дека разговорите ќе бидат само од техничка природа. Годинава се очекува комисијата да одржи пет состаноци, од кои првиот во февруари. Последниот 11. состанок се одржа на 4 декември, неколку денови пред бугарското вето, од кој имаше големи очекувања, а заврши со „нула напредок“, како што тогаш изјавија двете страни.

Холштајн: Да се спроведе Договорот за добрососедство

Германската амбасадорка Анке Холштајн вчера повтори дека Германија и натаму ќе остане силен поддржувач на нашата земја. Таа порача дека Договорот за добрососедство треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе.

– Меѓу С. Македонија и Бугарија има добрососедски односи. Бугарија прва ја призна С. Македонија како независна и е силен поддржувач на европеизацијата на целиот регион, особено на процесот на приближување на С. Македонија кон ЕУ. Важно е да се искористи времето за реформи – рече Холштајн за ТВ24.

Фуере: Бугарија се однесува националистички

Наместо да ги промовира вредностите на ЕУ за кои се изјасни дека ќе ги почитува, Бугарија игра на националистичка карта диктирана од домашната агенда што потсетува на империјалната политика во 19 век – оценува поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере.

– Со обидот да ја вметне историјата во процесот на пристапување, бугарската влада ги поткопува критериумите за пристап и го игнорира огромното искуство на ЕУ. Според оваа логика, Ирска и Велика Британија никогаш немаше да станат членки на Европската заедница – пишува Фуере во својата анализа.

Според него, потребен е проактивен дипломатски ангажман од ЕУ-инстанците, без разлика дали тоа е високиот претставник на ЕУ или специјалниот претставник за Западен Балкан или некоја висока институција или личност.

– Треба да има независно неутрално тело што ќе посредува како трета страна секогаш кога ќе се појават такви спорови, а таквото посредување треба да се одвива паралелно, а не како предуслов за пристапните преговор – вели Фуере.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот