Ако навреме не стигне помошта за плати, 7 000 луѓе ќе останат без работа?!

Фото: МИА

Текстилниот сектор вработува повеќе од 37 000 работници, а пресметките на оваа индустриска гранка покажуваат дека, ако не се даде навреме помош за плати, тие ќе мора да отпуштат до 20 отсто од вработените, односно во крајна граница, тоа значи околу 7 000 работници. Дури 90 отсто од овие компании во земјава работат по лон-систем и укинување на дел од царините создава пат за креирање сопствено производство со сопствен бренд.

Пратениците побрзо да го донесат законот за финансиска поддршка на плати, зашто во спротивно, 20 отсто од вработените ќе останат без работа, апелираа денеска текстилните компании. Тие бараат и одложување на роковите за поднесување на барањата за финансиска помош. Во претстојниот период компаниите очекуваат пад на продажбата за 50 отсто и дополнително откажување на нарачките, но и во моментов, како што рекоа на прес-конференција, ситуацијата е катастрофална, бидејќи капацитетите речиси воопшто не работат.

Според претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија, Ангел Димитров, од јануари наваму речиси запре производството на текстил, со исклучок на производството на работна облека.

– Компаниите гледаат спас во донесувањето на законот за финансиска поддршка на платите. Ако ги добијат средствата навреме, ќе ги задржат вработените. Во спротивно, огромен број, до 20 проценти од вработените ќе останат на улица, па наместо тие да ги полнат фондовите и Буџетот, ќе бидат под Агенцијата за вработување, ќе користат финансиска помош, а потоа ќе станат социјални случаи. Затоа, ги повикувам пратениците и од власта и од опозицијата партискиот интерес да не го ставаат на прво место, туку интересот на државата, економијата и граѓаните, истакна Димитров.

Тој е информиран дека собраниската седница на чиј дневен ред е Законот за финансиска поддршка на плати треба да се одржи на 23 март, а како што потенцира, компаниите до 15 март мораа да ги исплатат платите. Затоа, вели Димитров. неопходно е во овој закон да се предвидат одредби со кои би се одложиле роковите за поднесување на барањата за финансиска помош и за поднесување исправка на образецот за февруари.

Домашните компании на почетокот на пандемијата делумно успеаја да ги намалат негативните влијанија од кризата. Намалувањето на нарачките во делот на модните производи беше компензирано со преориентирање на производство на заштитни маски и друга заштитна облека, за која се јави поголема побарувачка.

– Моменталната ситуација според процените и секојдневните контакти со текстилните компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите, кое би се движело помеѓу 40 отсто до 50 проценти во однос на претходните години. За исто толку би се намалиле и нарачките од странските партнери, рече Димитров.

Тој оцени дека укинувањето на царините за увоз на репроматеријали во текстилната и кожарската индустрија е реална и вистинска помош за компаниите од овие дејности.

– Придобивките од одлуката со која се укинаа царинските стапки за повеќе од 40 суровини и репроматеријали кои се употребуваат во текстилната и кожарската индустрија, а со важност до крајот на 2021 година се повеќекратни за македонските компании ѝ нудат можности за реорганизирање на нивното производство, да почнат со сопствено производство и да го пласираат и на европските пазари. Со оглед дека 90 отсто од овие компании во земјава работат по лон-систем, оваа одлука многу влијае за подобра конкурентност што е битно за задржување на вработените. Компаниите не може преку ноќ да го намалат лон-производството и да почнат да произведуваа сопствени брендови, затоа одлуката многу значи за фирмите, а со тоа нашиот извоз би пораснал, нашите компании би добиле некоја додадена вредност што ќе значи нивен опстанок, зголемување на конкурентната способност и задржување на вработените, напомена Димитров.

Тој смета дека сепак се неопходни дополнителни економски и други релевантни мерки, кои ќе овозможат директна финансиска поддршка на овие трудоинтензивни индустриски сектори, поддршка за развој на конкурентноста, автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производниот процес, набавка на нова опрема согласно со промените на пазарот, со цел зачувување на работните места и опстојување на текстилните компании во наредниот период.

Текстилната и индустријата за облека во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82 отсто, вработуваат повеќе од 37 000 работници и опфаќаат околу 10 проценти од извозот на земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот