
Ако најдовте пари за патни трошоци за пратениците, ќе најдете и за работниците, Левица ги тестира колегите
Лидерот на Левица Димитар Апасиев потсети дека ова работничко право било укинато токму кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, на предлог на тогашниот министер за финансии Трајко Славевски
Пратеничката група на Левица повторно ќе ги тестира колегите пратеници од власта откако тие не се согласија да си ги намалат патните трошоци. Новиот предизвик сега ќе биде народните избраници да усвојат закон со кој ќе ги вратат патните трошоци за работниците. Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, преку Фејсбук најави дека во Собранието ќе предложат измени во Законот за работни односи и враќање на патните трошоци што работодавачите ќе бидат обврзани да им ги исплатат на работниците.
Апасиев потсети дека ова работничко право било укинато токму кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, на предлог на тогашниот министер за финансии, Трајко Славевски, кој сега е актуелен претседател на Советот на Град Скопје.
Препорачано
„Ок. Штом не сакате да си ги намалите патните трошоци како пратеници, веќе следната недела Левица во собраниска процедура ќе поднесе нов предлог-закон за враќање на патните трошоци на работниците (оние што своевремено им ги укина вмровецот Трајко Славески, кога беше министер за финансии, како наводна ‘оставина од комунизмот’),“ напиша Апасиев.
Според Левица, ако може да се обезбедат патни трошоци за функционерите и за пратениците, тогаш можат да се обезбедат и патни трошоци за работниците.
Во образложението на предлог-измените до кои дојде „Слободен печат“, се вели дека Предлог-законот е заснован на истите начела на кои се заснова основниот текст на Законот за работните односи, а целта е да се изедначат правата од работен однос на работниците.
Левица предлага „доколку превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа, не е организирано од работодавачот, работникот има право на:
надоместок за исхрана во висина од најмалку 20 отсто од просечната нето-плата по работник исплатена во претходната година и надоместок на трошоци за превоз до и од работа над 2 км во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај“.
Предлог-законот содржи два члена. Членот 1 предвидува измена на член 113 став (4) од основниот Закон за работните односи и бришење на ставот (5) од истиот член.
Членот 2 го предвидува вообичаениот уставен рок за влегување во сила на законот, vacatio legis.
Членот 113 од Законот за работни односи гласи:
Работникот има право на надоместок на трошоци поврзани со работата за:
– службено патување
– теренски додаток
– користење приватен автомобил за службени патувања
– одвоен живот од семејството
– смрт на работникот или член на неговото семејство.
Работникот има право на отпремнина при одење во пензија, како и јубилејни награди.
Висината, основицата и рокот за пресметување за исплата на надоместокот на овие трошоци, се утврдува со закон и колективен договор.
Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работно место, како и исхрана за време на работата.
Трошоците за исхрана од став 4 на овој член можат да изнесуваат најмногу до 20 проценти од просечната плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.
Промената, всушност, е дека работодавачот „ќе мора“, а не „ќе може“, како што е сега во Законот, да организира превоз и исхрана.
Од партијата велат дека пред да го предложат законот, тој најверојатно ќе биде дополнет, односно дека го разгледуваат српскиот модел, кој предвидува дека работодавачот треба да организира превоз и исхрана за работниците. Во случај да нема организиран превоз и исхрана, работодавачот ќе треба тоа финансиски да го компензира, односно да им даде пари на работниците за храна и за превоз. Според објаснувањето, ова ќе биде дел од законот за да се избегнат манипулации со платите на работниците.
Според образложението на Левица, предложеното решение ќе доведе до еднаква примена на законот врз сите работници и ќе стимулира зголемена продуктивност на работниците, кои ќе се растоварат од неопходните огромни финансиски издатоци што ги прават при извршување на работните обврски. Законот не предвидува буџетски импликации и бидејќи не се работи за сложена или обемна измена на законот, Левица предлага Собранието да расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка.