Ако има „пиши-бриши“ часови, неделната дневница ќе се „стопи“
Од „Гласен текстилец“ велат дека по претходни пријави дека се работело прекувремено, но и во неделите, што не им било платено на работниците, се покажало дека работодавачот ги избришал овие податоци од системот.
Точната евиденција за сработеното, а особено за оние дејности што не се изземени од неработната недела, отвора простор за манипулација, што во превод значи дека е можно некои работодавачи како и досега да „чепкаат“ по електронските уреди и да бришат работни часови. На оваа сериозна слабост во идното законско решение, предупредија и од Здружението „Гласен текстилец“, кои сомнежите ги темелат на досегашните пријави од работниците во еснафот.
– Водењето на електронска евиденција за работното време претставува законска обврска на работодавачот, според Законот за работни односи. На овој начин се внесува точен податок за тоа кои денови и колку работни часови одработил работникот. За жал, оваа евиденција сега ја водат газдите, кои често ги бришат податоците за прекувремената работа и за работата во неделите – објаснува за „Слободен печат“ Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Според Ампева, по претходни пријави во Здружението дека се работело прекувремено, но и во неделите, што не било платено, а по постапување на трудовите инспектори, се покажало дека работодавачот ги избришал овие податоци од системот.
– Проблемот настанува откако ќе стигнат платните списоци, на кои може да се види дека фалат пари, но ако работникот сака да докаже дека работел во недела, мора да поведе судска постапка, која е прескапа и секој не се осмелува ниту да ја почне, а камоли да ја плати. Тоа подразбира ангажирање судски вештак и соодветна економско-финансиска експертиза, што е долготраен и мачен процес. Најчесто, добиваме пријави во однос на работата за празник, за викенди, а особено за неделите, кои не им се евидентирани на работниците. Токму од тие причини сакаме да алармираме и да ги пресретнеме идните злоупотреби од октомври – порачува Ампева.
Од „Гласен текстилец“ се децидни дека ако сакаме навистина да имаме „неработна недела“, неопходно е покрај газдите, електронската евиденција за работното време да се прикажува и во Државниот инспекторат за труд.
Владата го усвои Предлог-законот за работни односи со чии измени недела ќе биде ден за неделен одмор од 1 октомври оваа година. Сега тој треба да влезе во собраниска процедура. Овие работници за својата работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 проценти од редовната дневница, а дополнително ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена. Според направените анализи, со овие измени недела ќе биде ден за одмор за над 92 отсто од работниците во државата
– Спроведувањето на Законот ќе биде под контрола на Државниот инспекторат за труд, а оние што нема да го почитуваат, ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочен платен налог – изјави Јована Тренчевска, директор на ДИТ.
И од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека Законот предвидува контрола од надлежните институции и казни за сите работодавачи што нема да го почитуваат, што е дополнителна гаранција дека правата на работниците се заштитени.