
Ако Филипче му сврти грб на Ахмети за локалните избори, власта практично ќе нема противник
Опозицскиот СДСМ, според изјавите, на изборите ќе настапи со својата коалиција, а на ДУИ ѝ порача да не смета на соработка. Од Европскиот фронт, пак, брифираат дека соработка во вториот круг со СДСМ најверојатно ќе има
Договорите за меѓусебна соработка може да ги решат победниците на локалните избори и пред изборната трка. Најголемите партии и коалиции почнаа со калкулации за изборите за градоначалници наесен, иако официјално и власта и опозицијата се воздржани дали ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ќе договорат поддршка на локално ниво, како и дали ќе има соработка помеѓу СДСМ и Европскиот фронт, и покрај изјавите дека партијата на Венко Филипче раскрстила со ДУИ.
Препорачано
Засега извесно е само дека во првиот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе одат со своите коалициски партнери и дека во албанскиот политички блок натпреварот ќе биде помеѓу коалициите Вреди и Европскиот фронт.
Калкулациите се дека ако владините партнери договорат соработка и за локалните избори, тогаш изборната победа им е речиси гарантирана, особено ако СДСМ остане на позицијата да не соработува со Европскиот фронт.
Вреди ќе оди со заеднички листи и, начелно, Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами и Зекирија Ибраќими ги пикирале општините каде ќе трчаат со свои кандидати за градоначалници. Од Вреди веќе сметаат на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг во општините каде мнозинство се Албанците и, обратно, тие ќе ги поддржат кандидатите на партијата на Христијан Мицкоски во општините со мнозинство Македонци.
Перински, Ѓорѓиевски или некој трет?
Од ВМРО-ДПМНЕ се повоздржани и велат дека засега нема договор за соработка со владините партнери. Од најголемата владејачка партија велат дека во првиот изборен круг ќе истрчаат со свои кандидати во сите општини, зашто тоа носи повеќе гласови на советничките листи. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува соработка меѓу владините партнери за локалните избори, зашто „тоа би бил природен процес“.

– Природно е Владата вака, како што функционира, а функционира со исклучителна кохезија, да продолжи да функционира и во избори и надвор од изборни процеси. Нечесно е да има политика на двојни стандарди, ако имате заедничка програма и така функционирате, на локални избори да препознаете друга платформа. Мислам дека тоа е природен редослед на настаните. Конечна одлука нема, но природно е соработката која е на централно ниво да се преслика на соработка на локално ниво – рече Мицкоски.
Кога станува збор за Скопје, од партијата брифираат дека во игра се градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓеорѓиевски и министерот за локална Златко Перински. Допрва ќе се мерат рејтинзите на можните кандидати за градоначалници, но тие нема да бидат пресудни, односно освен анкетите, пресудно кој ќе биде кандидатот, ќе бидат програмите кои ќе ги понудат. И покрај популарноста во партијата на Ѓеорѓиевски и Перински за иден градоначалник на Скопје, Мицкоски повтори дека го задржуваат правото тој и Извршниот комитет да предложат имиња за кандидати на градоначалници.
– Ако ме прашувате како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ние во рамките на партијата и на коалицијата имаме внатрепартиска процедура во која општинските комитети, коалициските партнери добија порака дека секој од нив којшто има амбиција, има програма, визија и платформа за некоја од општините, каде што цени дека може да додаде вредност, да се пријави, ќе биде вклучен во мерењата и, откако ќе ги сублимираме резултатите, тогаш ќе излеземе во јавноста со имиња. Јас очекувам дека најголемиот дел од имињата кои ќе бидат дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат познати во втората половина на мај или на почетокот на јуни – изјави Мицкоски.

Перински, како еден од фаворитите за кандидатурата за Скопје, прашан зошто мисли дека би бил добар кандидат за метрополата, рече дека на Мицкоски веќе му ја соопштил амбицијата за потенцијален кандидат за градоначалник.
– Изборот и за претседателот и за нас и за членовите на Извршниот комитет е многу битен да биде на транспарентен и на кристално чист начин и да се избере најсоодветното решение зашто извесно е дека тој ќе биде победникот. Сметам дека можам да одговорам на предизвикот. Имам план, визија како Скопје конечно да стане европска метропола. Секако, таа одлука ќе ја оставам на претседателот и на извршните тела на партијата. Убеден сум кој и да биде кандидатот, ќе биде поддржан од сите нас – рече Перински.
Од ЗНАМ велат дека досега немало разговори за настапот на локалните избори, но дека се отворени за сите варијанти – за самостоен настап, но и за соработка. Засега е извесно дека ќе настапат со советнички листи во сите општини каде што ЗНАМ има општински организации, односно во околу 50 локални единици. Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски деновиве изјави дека размислува за повторно да се кандидира за градоначалник, но конечната одлука ќе ја донесе партиското раководство, по спроведените анализи и анкети по месните заедници.
СДСМ научил сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ
Опозицскиот СДСМ, пак, барем според изјавите, на изборите ќе настапат со својата коалиција, а на ДУИ ѝ порача да не смета на соработка. Лидерот на СДСМ Венко Филипче во интервју за „Слободна Европа“ рече дека партијата научила значајна лекција од коалицирањето со ДУИ, поради што сега постои јасна дистанца која е резултат и на барањето на членството, но и на политичката реалност.

– Ние научивме една многу сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ. Многу работи ни се удрија од глава и тоа, морам да бидам искрен, и да го признаеме. Дистанцата е нешто што природно дојде, како барање на членството, но и како чувство и емоција кон коалиција која не беше принципиелна – изјави Филипче.
Тој категорично демантираше какви било разговори за поддршка со ДУИ на локално ниво во некои општини, потенцирајќи дека во иднина СДСМ ќе формира само принципиелни коалиции, засновани на заемна почит и заеднички вредности.
Од партијата не сметаат дека е ризично ако немаат поддршка во вториот изборен круг од албански партнер. Од таму велат дека СДСМ ќе даде комплетна понуда на изборите и во таа понуда граѓаните ќе видат решенија независно од коалициите.
Од Европскиот фронт, пак, брифираат дека соработка во вториот круг со СДСМ најверојатно ќе има. Неофицијално, вчера имало средба меѓу партнерите од Европски фронт и неформално договорено е на изборите да настапат заедно. Дека ДУИ на советничките листи ќе истрча со 50 отсто нови имиња, кои се надвор од политиката, за да демонстрира дека се реформирала. Според брифинзите, Европскиот фронт ќе ги освежи и кандидатите за градоначалници. Повторна шанса нема да добијат градоначалниците на ДУИ со по неколку мандати и повозрасните – Дебар, Боговиње – но и криминализираните како струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Освен со Мерко, лидерот на ДУИ разговарал и со кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари да се откаже од нов мандат. Градоначалнички позиции ќе има и за Алијанса на Села, но и за партиите на Турците.

Потврда дека Европскиот фронт на изборите ќе настапи заеднички дојде од Арбер Адеми од ДУИ.
– Коалиција „Европски фронт“ не е направена само за еден изборен циклус и претставува поголема визија за градење на една заедничка држава, која ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество – рече портпаролот од ДУИ Арбер Адеми, посочувајќи дека веќе се прават консултации за заеднички настап со партиите од Европскиот фронт на претстојните локални избори.