Ако дојде до промена на силите во Сенатот и Претставничкиот дом: Републиканците тргнуваат по импичмент на Бајден

Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден во Капитол / Фото: EPA-EFE/Jabin Botsford

Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден се подготвува да се соочи со истраги и импичмент, доколку републиканците во ноември победат на изборите за нови членови на Претставничкиот дом и на Сенатот

Адвокати, службеници во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и стратези во неговата демократска партија предвидуваат дека очекуваната победа на републиканците на парцијалните избори во ноември ќе доведе до низа истраги насочени кон претседателот, посебно доколку важни места во конгресните комисии добијат политичарите лојални на поранешниот претседател Донадл Трамп.

Највоинствени во реториките се републиканците од Претставничкиот дом како Мет Гаец, кој вети дека при изборна победа ќе бара истрага за работата на Министерството за правда, а конгресменот Боб Гибс од септември се залага за отповикување на Бајден поради повлекувањето на армијата од Авганистан.

Целта на конгресменот Џејмс Комер, кој се надева дека ќе стане спикер на Претставничкиот дом, е Хантер Бајден, синот на претседателот, а исто така планира да биде покрената детална истрага за синџирот на снабдување со вакцини во време на пандемијата како и за отстранување на именуваните членови на Трамп во воената академија.

Белата куќа веќе ги презеде првите чекори што ќе помогнат да се заштити администрацијата од евентуални истраги. Поранешниот градоначалник на Њу Орлеанс, Мич Ландрио е назначен за специјален советник на Белата куќа за да го надгледува спроведувањето на Законот за инфраструктура од 2.000 милијарди долари, за кој републиканците најверојатно ќе бараат истрага поради евентуална измама.

Белата куќа, исто така, ја зајакна канцеларијата на својот правен советник со долгогодишен претставник за комуникации на Демократската партија за да помогне во решавањето на спорот со последиците од хаотичното повлекување на армијата од Авганистан минатата година.

Мобилизирање на правната служба

Транзицискиот тим на Бајден по победата на изборите во 2020 година формираше правно одделение во исчекување на победа на републиканците во Сенатот, што би довело до покренување истраги за работата на администрацијата на Бајден.

– Ги имавме сите причини да веруваме дека републиканците ќе победат во изборите за Сенатот. Тоа е дел од нашето планирање – смета Енди Рајт, директор за правна политика на транзицискиот тим.

Во тимот на Бајден како заменик советник е вклучен и Џонатан Су, кој има искуство во водење на истраги додека претседател беше Барак Обама. Администрацијата на Бајден не ја исклучува можноста да се вработат и нови истражители, адвокати и лица за комуникации за да работат на евентуалните истраги што би ги покренале републиканците.

– Мора да имате паралелна структура во Белата куќа што ќе може да ги предвиди и да одговори на тие напади – смета Бен Лаболт, поранешен портпарол на Обама.

Претседателот Бајден планира да се вклучи во кампањата за изборите во Претставничкиот дом и во Сенатот и да патува низ сојузните држави за кои се очекува да бидат клучни во одредување на победникот со цел демократите да го задржат мнозинството. Државите како Висконсин и Пенсилванија се очекува да бидат едни од клучните во одредувањето на победникот на изборите и демократскиот национален одбор планира да ја засили кампањата во нив.

– Ако републиканците победат на изборите во ноември, тие ќе ја изведат „истата претстава“ како во 2011 година, но таа ќе биде уште понеконзистентна и помалку веродостојна – смета Ерик Шулц, висок советник за истраги на поранешниот претседател Барак Обама.

Републиканците при евентуална победа на изборите би можеле да бараат ревизија на истрагата на Министерството за правда за упадот на приврзаниците на Трамп во Капитол хил на 6 јануари и да ја спречат истрагата на Конгресот, ако таа сè уште не завршила.

Голема е веројатноста да се истражат и трошоците од американскиот „план за спас“ од 1.900 милијарди долари за ковид-19 и законот за инфраструктура, кои не беа популарни меѓу републиканците и покрај дадената поддршка.

– Нема сомнежи дека републиканците ќе ги проверат сите страници, сите документи и сето ова трошење ќе биде под голем надзор – вели Ејми Кох, републикански стратег во Минесота која им помага на кандидатите да бидат победат на изборите.

Импичмент и Хантер Бајден

Дел од републиканците навестија дека сакаат да го отповикаат Бајден. Група од четворица политичари предводена од Гибс поднесе барање за импичмент на претседателот поради имиграцијата на границата со Мексико и начинот на кој американските трупи си заминаа од Авганистан.

Покрај Гибс, потписници на барањето за отповикување се и републиканците од Претставничкиот дом Енди Бигс, Брајан Бабин и Ренди Вебер. Мерџори Тејлор Грин, која е лојална поддржувачка на Трамп, поднесе барање за импичмент само еден еден откако Бајден и официјално стапи на претседателската функција.

– Ќе има голем притисок врз Кевин Мекарти, доколку тој стане спикер на Претставничкиот дом, уште од првиот ден да продолжи со притисокот врз Бајден и да бара негово отповикување. Ако сака да стане спикер, најверојатно нема да има голем избор – вели конгресмен од републиканската партија. Токму Мекарти е главен фаворит да ја наследи Ненси Пелоси како спикер во Претставничкиот дом доколку на изборите победат републиканците.

Во претседателската кампања во 2020 година, Хантер Бајден беше мета на Трамп и на републиканците кои настојуваа да изнајдат неправилности во неговото членство во управниот одбор на енергетска компанија во Украина. Токму претседателот Трамп се соочи со импичмент поради тоа што во телефонски разговор со својот украински колега Володимир Зеленски побарал украинските власти да спроведат истрага за компанијата на Хантер Бајден, а тоа во исто време го услови со доставувањето на ветената американска воена помош за Украина. Властите во Киев не пронајдоа никакви докази за таквите обвинувања.

– Ќе има многу напади врз Хантер, голем дел од нив ќе бидат неправедни кон Џо Бајден, а многу ќе бидат и лични – предвидува Ричард Паинтер, заменик советник на поранешниот претседател Џорџ В. Буш.

Демократите во Претставничкиот дом два пати се обидоа да го отповикаат Доналд Трамп, но и двата обида беа неуспешни, бидејќи републиканското мнозинство во Сенатот не ги поддржа овие обвиненија.

Одбиен планот на Бајден

Претседателот Бајден сугерира дека изборите за Претставничкиот дом и за Сенатот може да бидат „нелегитимни“ бидејќи е блокиран неговиот план за ревизија на системот на гласање.

Тој својот став го изнесе во средата на прес-конференцијата во Белата куќа по повод едногодишното претседателствување со САД.

– Сѐ зависи од тоа дали ќе можеме или нема да можеме да презентираме докази дека нешто се мести или има обиди да се промени конечниот исход од изборите. Не велам дека тоа ќе биде законски – одговори Бајден на прашњето дали постои можност за измама на претстојните избори.

Неговиот предлот за ревизија на системот на гласање беше одбиен и од републиканците, но и од демократите.

– Имаме различни мислења и гледишта на оваа тема – изјави за „Си-ен-ен“ Џо Манчин, демократски сенатор од Западна Вирџинија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот