Академик Вера Битракова – Грозданова добитник на највисоката награда што ја доделува Општина Охрид

Професор, академик Вера Битракова – Грозданова е годинашниот добитник на највисокото признание „Патрон на градот – Св. Климент Охридски” што секоја година го доделува Општина Охрид.

Во образложението на наградата што е една и единствена и ја доделува градоначалникот на Охрид се наведува дека академик Вера Битракова – Грозданова е неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.

Академик Вера Битракова – Грозданова е родена на 19 јули 1939 година во Охрид. Во родниот град го завршува основното и гимназиското образование, дипломира, магистрира и докторира на Филозофскиот факултет во Загреб на тема „Ранохристијанските споменици во Охридскиот регион”. Од 1975 година до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, а за редовен член на МАНУ е избрана во 2009 година.

Во текот на работниот век учествувала во многу археолошки истражувања, особено во Охрид, има објавено околу 150 научни и стручни трудови и учествувала на бројни студиски престои во Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија и други земји, а била учесник на бројни меѓународни научни собири. Академик Вера Битракова- Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија меѓу кои се наградата „Гоце Делчев”, престижната европска награда Herder-Preise и наградата „Климент Охридски” .

Добитници на повелбaта „Патрон на градот „Св. Климент Охридски” што ги доделува Советот на Општина Охрид за 2020 година се ЈЗУ „Општа болница” како главен носител на борбата со пандемијата на Ковид 19 за посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во установата, потоа д-р Мимоза Влаши Хиса – специјалист по гинекологија и акушерство, раководител на Одделот за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница” – Охрид- заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите и соработка со колегите, како и проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог, долгогодишен активист во невладиниот сектор за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на културното и природно наследство, еминентен научник во општествените науки и универзитетски професор.

Наградата и признанијата на лауреатите ќе им бидат врачени на 8 декември – Денот на Свети Климент Охридски, но оваа година поради епидемијата на коронавирусот без помасовно присуство. Оваа година ќе изостане и Свечената академија што традиционално се одржува за одбележување на патрониот празник на градот Охрид. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот