Академијата, наместо судии и обвинители со знање и интегритет, продуцира скандали

Судии судија судство
Илустрација: судија / Фото: Архива на „Слободен печат“

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, која веќе со години се уште е во фаза на пилот проект, е еден од корените на проблемите во правосудниот систем и од самото нејзино формирање, таа постојано продуцира проблеми, а повремено и скандали каков што е последниот со лансирањето на последната група „академци“ во која доминираат блиски роднини на звучни имиња од врвот на правосудството, но и од законодавната, извршната и од локалната власт. Ова е објаснување на професорот по Казнено-процесно право Гордан Калајџиев, кој пред пет години беше член на Советот за реформи за правосудството, од каде што брзо се повлече се образложение дека го доживува само како „декор“.

– Без да ги согледаме корените на проблемите ние ја гледавме само нивната појавна форма и како такви се обидувавме да ги решаваме и тоа во мошне амбициозни рокови. Поради тоа се се сведуваше на менување на закони. Главно, во насока на нивното усогласување со европското законодавство. Притоа ги занемаривме нашите, автентични, системски слабости и бројни промашени решенија какви што се поставените надлежности на судовите и на обвинителствата или изборот на судиите и на обвинителите преку Академијата како едно од нетипичните решенија на кое што се одлучивме. Поради првиот проблем добивме преоптоварени основни судови и обвинителства над кои се поставени апелациските судови и виши обвинителства, кои наместо да им го олеснат товарот и го преземат на себе потешкиот дел од работата, најчесто глумат некакви коректори и ревизори. Вториот проблем, Академијата, која кај нас се уште е во фаза на пилот проект, со сомнителен систем на прием и на оценување, продуцира неискусни кадри како судии и обвинители, кои уште во самиот старт треба да се соочат со тешки предмети. А тоа се само некои од поголемите болки на правосудството – објасни Калајџиев.

Имено, Советот за реформи на правосудниот сектор, чија работа запре многу брзо по формирањето пред неколку години, како еден од приоритетите ја посочи и потребата за реформа на Академијата за судии и јавни обвинители.

– Потребни се нови законски одредби за составот на органите за управување и раководење на Академијата на судии и јавни обвинители, како и утврдување законски критериуми за (не)вршење избор на дипломци од АСЈО. Треба да се утврди и законска обврска за почитување на временскиот редослед на доставени листи од Академијата, при изборот на судии и јавни обвинители. Задолжително треба да се образложуваат и јавно да се објавуваат одлуките за (не)избор на кандидатите од листата. Одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители за избор на судиите и јавните обвинители треба да се детално и аргументирано образложени и јавно објавени – беше еден од предлозите за реформи, кои останаа само на хартијата.

Во меѓувреме, се редеа скандалите. Можеби најилустративен пример на партизираноста на Академијата на јавноста и беше даден во 2016 година, при одбележувањето на десетгодишниот јубилеј од нејзиното основање, кога тогашната директорка Анета Арнаудовска, реши прославата да ја организира во Музејот на ВМРО.

Во 2017 година беше поништен огласот за прием на 60 слушатели на почетна обука поради истражната постапка која Основното јавно обвинителство ја поведе против дел од пријавените кандидати. Дури четириесет и едно лице од пријавените доставиле фалсификувани сертификати за англиски, поради што против нив беа покренати кривични пријави за „фалсификување исправа“.

Во 2019 година, дел од истите кандидати, за кои се уште се водеа судски постапки, повторно беа примени на Академијата со образложение дека никој од нив се уште не бил правосилно осуден.

Во април 2021 беше објавено дека при извршен претрес во канцеларијата на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, на Правниот факултет, бил пронајден софтвер за прашања на кандидатите на Академијата, а се покажа дека фирмата Инвока Груп, која тогаш беше под истрага и преку која Рашковски го набавил софтверот, го одржувала хостингот на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој случај се уште е во фазата на предистрага во Основното јавно обвинителство.

Уште неколку скандали му претходеа на последниот, кога се покажа дека меѓу вкупно 58 кандидати, кои го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители, се синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, Барлет, снаата на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, Билјана, сопругата на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, Симона Муцунски-Бубевска… Во оваа група се и ќерката на пензионираната обвинителка за организиран криминал Гордана Смаќоска, Билјана, синот на поранешната обвинителка во Специјалното јавно обвинителство Елизабета Јосифовска, Драган, синот на врховниот судија Наќе Георгиев, Кирил, синот на поранешниот претседател на Судскиот совет Киро Здравев, Зоран, зетот за ќерка на поранешниот Народен правобранител и сегашен член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, Илир Јакупи, како и сопругата на новоизбраниот обвинител за организиран криминал Ислам Абази, Албулена.

Во едно од заклучните согледувања од одговорите на претставници од институциите поврзани со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, кои беа прибирани заради анализа на актуелното позиционирање на институцијата и на нејзината улога во обуката на правосудниот кадар, меѓу другото, беше побарано приемниот испит да се ревидира во смисла критериумите да бидат повисоки, да се бара високо ниво на познавање на странски јазик и да се унапреди проверката за интегритетот, како и тоа изборот на нови слушатели да биде по апелациони подрачја со оглед на фактот што повеќето од нив се од Скопје и сакаат да работат во Скопје така што веќе извесен период постои голем проблем со пополнувањето на испразнетите позиции во судовите и во обвинителствата низ земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот