Ај да се преброиме (достоинствено и човечки)

И колку посиромашни луѓе од едната страна, толку побогати луѓе од другата страна….да, јазот е голем, бездната е длабока и непремостлива… Да! И само затоа што не сакаме да си подадеме рака и да се преброиме заедно и сплотено, да гласаме за победа на Доброто, Праведното, да гласаме да живееме во свет без лага, во свет без крадење и измама, во свет во кој ќе сфатиме дека сплотеноста во победа на злото е неминовна!

Преброј сееее! Прв, втор, прв, втор, прв, втор, и така до крајот на групата, заедницата, војската, народот, нацијата. Преброј се!!! Прв-ВМРО, втор-СДСМ, прв-СДСМ, втор-ВМРО и така на секои две, три години, си се пребројуваме по дома, па на работа, па по кафаните, на клупите во парк, дури и во училишните клупи, малите , па и големите деца се пребројуваат, пензионерите, домаќинките…по дуќаните, фризерите, во автобусите, насекаде. Како да е некоја силна и страшна епидемија што ги тера луѓето да се пребројуваат. И конечно, државата се обидува да нè преброи, како награда и како највисоко дело на живеењето во демократска држава.

Убаво! Убаво! Ееее, ама кога треба да се преброиме за да ги подобриме условите за живот….. почнувајќи од нискиот животен стандард, загадениот воздух, очајното здравство и образование, пороците меѓу најмладите, е тогаш никако не можеме заеднички да се организираме и преброиме. Оти, заедно живееме, ист воздух дишеме и сите знаеме како боли душата кога најмилите ќе ни заминат подалеку од домот…Зошто?

Зашто не знаевме да си подадеме рака, да бидеме заедно кога требаше да бидеме заедно, во борбата против сè она што имаше за цел да нè направи послаби и понедостоинствени. Победува себичноста, алчноста на поединците, остануваат опустошени семејства, институции, болници, училишта, градинки, студенски домови…ама затоа сè почесто по улиците се возат најскапите автомобили од светот, гардероба, накит, шминка…токму во Скопје!!! И колку посиромашни луѓе од едната страна, толку побогати луѓе од другата страна….да, јазот е голем, бездната е длабока и непремостлива… Да! И само затоа што не сакаме да си подадеме рака и да се преброиме заедно и сплотено, да гласаме за победа на Доброто, Праведното, да гласаме да живееме во свет без лага, во свет без крадење и измама, во свет во кој ќе сфатиме дека сплотеноста во победа на злото е неминовна! Дека само заедно сме посилни во борбата против сите неправди. Вака, разединети и поделени , лесно сме победливи за сè она што сака да нè победи за остварување на своите цели.

Утопија? Да, ама во силните земји, ваквиот начин на однесување е реалност. Победата над митото и корупцијата, силниот правосуден систем, некорумпирано образование и здравство, висок животен стандард се реалност во која живеат и го црпат задоволството од живеењето. И значи!!! До нас е!!! До луѓето е! Не можеме да веруваме дека ќе дојде некој магионичар политичар, витез и на магичен начин, со волшебно стапче ќе создаде идеална земја! До нас е!!!! До нашето ниво на свест! До вербата дека човекот може и треба да биде човек! До свеста дека секој поединец е Македонија и дека секој од нас ја претставува Македонија со своето однесување и живеење.

И на крајот……. ако не сакам да испрофитирам од другиот, ако не сакам да го искористам, украдам , уништам, омаловажам, ако не му завидувам, туку ако сакам да му помогнам, без да очекувам возвраќање, не, не е утопија! Туку така е човечки и достоинствено. И ако имам малку и го поделам со другиот , не, не е утопија! Човечност се нарекува! Наспроти….имам и сакам да имам уште повеќе „земајќи“ од тие што немаат. Аман! Да не објаснувам повеќе, се разбираме! Не, не е утопија да сакаме да живееме во мир и спокој со сите и со самите себе! Не е утопија да сакаме да живееме достоинствено и човечки.

 

Авторката е магистер културолог и професорка по македонски јазик и литература.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот