Илустративна фотографија / СП. архива

АХВ: Го знаеме, но не е етички да откриеме кој е извозникот на македонската зелка во Хрватска

И додека Хрватите посочија дека уште на границата, нивните инспектори наредиле да се уништи целата пратка, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски тврди дека нашата анализа спроведена кај производителот на зелката, покажала дека таков препарат не се употребувал

Агенцијата за храна и ветеринарство не открива дали пестицидот имидаклопирид легално се увезува во Македонија, ниту пак која е компанијата извозник, откако Хрватите ни вратија контингент со зелка, поради детектирани резидуи од пестициди. И додека Хрватите посочија дека уште на границата, нивните инспектори наредиле да се уништи целата пратка, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, тврди дека нашата анализа спроведена кај производителот на зелката, покажала дека таков препарат не се употребувал. Трипуновски рече дека не знае дали станува збор за некаква грешка на хрватските гранични контроли, но беше категоричен дека во Македонија кај посочениот земјоделец не се пронајдени такви недозволени пестициди ниту анализите покажале употреба на забранети средства.

– Во добиената нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедна храна на ЕУ (РАСФФ), позната е компанијата што ја извезувала спорната зелка на хрватскиот пазар кај која беа детектирани резудуи од пестициди. Како и досега, од етички причини, Агенцијата за храна и ветеринарство при пласирањето на информации во јавноста не го идентификува името на компанијата извозник – посочија од АХВ за „Слободен печат“.

Пестицидот имидаклопирид е забранет во ЕУ, а 0,029 мг/кг од овој агенс е пронајден во примерок од македонскиот зеленчук што требало да заврши во хрватските продавници, објави Даница.хр. За среќа, сè се случило на хрватската граница, па инспекторите веднаш наредиле да се уништи целата пратка свежа македонска зелка. Одлуката на Комисијата на ЕУ ја забрани употребата на имидаклопирид на сите култури што се одгледуваат на отворено.

– По добиената РАСФФ нотификација, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа надзор кај операторот со храна извозник на земјоделски производи. По направената контрола на документацијата, утврдени се производителите од кои е реализиран откупот на зелка, по што ингеренциите за понатамошна контрола се пренасочени кон Државниот инспекторат за земјоделство, кој веднаш беше известен за нотификацијата и кој ја спроведе понатамошната постапка – велат од АХВ.

Претходно министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече дека нивната анализа спроведена кај производителот на зелката, покажала дека таков препарат не се употребувал.

– За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство беа направени дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарски плод. Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура – рече Трипуновски.

Министерот Трипуновски рече дека не знае дали станува збор за некаква грешка на хрватските гранични контроли, но категорично изјави дека во Македонија кај посочениот земјоделец не се пронајдени такви недозволени пестициди ниту анализите покажале употреба на забранети средства.
Ова не е прв случај Хрватите да ни вратат зеленчук и тоа поради присуство на пестициди.

Три пратки зеленчук увезен од Македонија со опасни пестициди во 2023 година беа откриени во Хрватска, а една во претходната година. Поради ова, пратките не ја поминаа контролата на хрватската граница, а на веб-страницата РАСФФ беа означени како „потенцијално ризични“ по здравјето на граѓаните. Последниот таков случај беше забележан на 19 февруари 2024 година. Стануваше збор за мешана салата која содржела хлорпирифос, пестицид опасен по здравјето, кој според најновото истражување објавено на страниците на системот РАСФФ, доколку се консумира, може да придонесе за нарушување во развојот на мозокот кај децата, како и за зголемена хиперактивност. Количината на хлорпирифос што е откриена во предметната пратка била 0,055 милиграми во еден килограм, а дозволената количина на овој пестицид во одреден производ според европските стандарди е нула. Случајот го потврдија и македонските власти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот