АХВ: Африканската чума е под контрола, ќе бидат заклани сите свињи во круг од три километри од фармата во делчевско

Фото: Архива

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро ја демантира и осудува изјавата на претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, дека ветеринарните власти не презеле никакви мерки за заштита од вирусот на африканска свинска чума во изминативе години и во опасност го довеле опстанокот на свињарството во земјава.

„Доколку посветено ја следеле работата на АХВ, наместо да сеат лаги и да ги манипулираат сточарите и јавноста, ВМРО ДПМНЕ ќе знаеа дека мерката за забрана за чување на свињи на отворено за која тие наводно алармирале, е донесена и е на сила уште во 2019 година, заедно со сетот мерки за спречување на појава и ширење на вирусот во земјава, кој неколку години наназад беше присутен во некои од соседните земји“, велат од АХВ.

Депопулацијата на свињи кои се чуваат на отворено и недозволено на депониите, вклучително и во Делчевско, но и во одгледувалиштата кои немаат воведено биосигурносни мерки, или тие се на многу ниско ниво, е дел од мерките кои Агенцијата ги презеде во изминатите две години, а со кои како дел од сетот превентивни мерки кои се преземаа беа заклани и економски искористени над две илјади свињи, велат од државната агенција.

Изјавата на директорот на АХВ Николче Бабовски за состојбата со болеста, дадена токму на депонијата во Делчево, имаше единствена цел – да посочи на неправилностите и непочитувањето на мерките кои АХВ ги донесе уште пред три години и со кои забрани чување на свињи на отворено. Токму грлата, за кои како што вели во изјавата почитуваниот Трипуновски “се шетаат” на депонијата, како дел од мерките на АХВ беа убиени и закопани во јамата гробница на оваа депонија, посочуваат од АХВ.

„Доколку е сериозна, опозицијата не треба да дозволи да ја манипулира јавноста и да ги доведува во заблуда одгледувачите на свињи дека државата не реагира и не презема мерки за справување со болеста. Ако сериозно мислеше да им помогне на сточарите, мерките за кои како што велат од ВМРО ДПМНЕ алармирале уште пред три години, требаше да ги достават до одговорната институција за тоа – до АХВ, а не да се расфрлаат со душтегрижништво по медиумите“, се вели во соопштението.

Болеста е под контрола и тоа одговорно го тврдиме. Во експресно брз рок спроведена е мерката за депопулација на свињите во радиус од 3 километри од двете жаришта во Делчевско, а мерката за фармите со висок ризик, ќе продолжи да се спроведува и на фармите во зоната под надзор во радиус од 10 километри, додаваат од АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот