Ахмети вели дека не го пратиле во Хаг затоа што „неговата војна била праведна“

Али Ахмети, лидер на ДУИ/Фото. МИА

„Албанецот е тој што донесува одлуки и тој е факторот во оваа земја“, изјави вечерва лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на партиски собир во тетовското село Желино, според ТВ „Клан“.

Ахмети пред присутните рекол дека во разговорите на политичарите-Македонци, им кажал дека „Македонците му биле вазали на Белград до 1990 година“.

Тој додал дека сега „Албанецот е тој што е фактор и што ги носи одлуките во државата, алудирајќи на големиот број Албанци на високи државни функции.

– Албанецот е оној што донесува одлуки и тој е факторот во оваа земја: Бујар Османи нè претставува во ОБСЕ, министерот за финансии нè прави горди во Свеската банка, исто така и министрите Насер Нуредини, Крешник Бектеши или Артан Груби… Колку повеќе вредности инсталираме, толку повеќе непријатели си создаваме. На Мицкоски ова не му се допаѓа и јас знам зошт – јас не отидов во Хаг, бидејќи мојата војна беше праведна, затоа Мицкоски нека не ми одговара мене со калашников! Тој ја гледал војната само на телевизор, а јас имам потпишано меѓународен договор со НАТО, Америка и со Европа“, изјавил Ахмети пред жителите на Желино.

Наспроти тврдењето на Али Ахмети за „праведната војна“, единствената причина поради која тој и соработниците не одговараа во Хаг беше политичкиот пазар со владата на Никола Груевски, кога тој и други членови на раководството на ДУИ, беа обвинети за воени злосторства во конфликтот во 2001 година, но т.н. „хашки случаи“ беа вратени од Хаг, за по нив да одлучува домашното правосудство. Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

Беше процесуиран само случајот „Мавровски работници“ (во кој припадници на тогашната Ослободителна народна армија (ОНА/УЧК) киднапираа и измачуваа работници на градежното претпријатие „Маврово“, врежувајќи им со ножеви букви од имињата на телата), но во септември 2009 година Кривичниот суд ги ослободи сите обвинети за малтретирањето на мавровските работници од конфликтот во 2001 година, откако Обвинителството се откажа од гонење.

Во 2011 година се донесе автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија, со кое сторителите на воени злосторства за четирите хашки случаи беа амнестирани, и покрај тоа што според меѓународното право, случаите на злосторства против човештвото не застаруваат и сторителите не можат да бидат амнестирани. Според објавените снимки од прислушувани разговори меѓу тогашните функционери, нелегалната амнестија била изведена од власта на Груевски поради опстанокот на неговата коалиција со ДУИ, односно практично поради останување на власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот