Ахмети: Сите разлики меѓу нас се надминати

Али Ахмети Фото: Драган Митрески

Состанокот се одржа по преписките помеѓу пратеникот Изет Меџити и вицепремиерот Артан Груби, кои портпаролот на ДУИ, Бујар Османи ги оцени како „различни мислења“.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги отфрли гласините за поделби во партијата, нарекувајќи ги заговор во јавноста, по состанокот на Централното раководство со цел да се разговара за последните случувања во извршната власт и внатре во партијата.

– Целта на овој состанок беше јавноста да види директно дека ДУИ е и ќе биде сплотена и уште подобро организирана. Имаше различни информации во отсуство на овие состаноци поради пандемијата, но јас ги уверувам сите дека се е разјаснето на оваа средба. ДУИ е добро организирана, затоа што сите сме единствени и унифицирани. Сите разлики меѓу нас се надминати, смета претседателот Али Ахмети.

Состанокот се одржа по преписките помеѓу пратеникот Изет Меџити и вицепремиерот Артан Груби. Најавената интерпелација од Меџити за Груби уште не е поднесена во Собранието. Бујар Осман, како портпарол на ДУИ, ова го оцени како „различни мислења“.

– Секогаш во ДУИ имало различни мислења и тие се охрабрени од претседателот на ДУИ, бидејќи ДУИ е жива партија каде е дозволена внатрешната дебата, партија која секогаш се освежува со нови идеи – изјави Османи, кој негираше дека некои членови на партијата се разрешени или дека се сменети, но дека министри од ДУИ од кои е побарано, дале отчет пред Централното претседателство.

Ахмети го коментираше и протестот за „Монструм“, за кој рече дека „овие луѓе се користат за политички цели” и дека од ДУИ секогаш охрабрувале, барале меѓународна истрага за овие случаи и дека ДУИ ќе продолжи да го прави истото.

– Отсекогаш сме биле во контакт со луѓе кои имале проблеми и се обидувавме да им овозможиме контакт со сите меѓународни институции. За сите овие прашања побаравме меѓународна експертиза, директен меѓународен мониторинг. Побаравме меѓународна истрага до странски експерти на оваа област, каде добивме позитивен одговор од нашите американски пријатели, како и од ЕУ – рече Ахмети.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот