Ахмети: Ништо нема да ѝ стане на државата ако го прифатиме бугарското малцинство во Уставот

Фото: Али Ахмети/Фејсбук

Нема ништо лошо да ѝ стане на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети на прес-конференција по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков попладнево во Собранието.

Ахмети рече дека на средбата се интересирал за тоа кои се пречките за позитивен епилог во спорот, односно za решение за почнување пристапни преговори за ЕУ. Oд бугарската делегација слушнал дека за нив значајно е во нашиот Устав да биде наведено „бугарското малцинство што живее во Република Северна Македонија“.

– Зборував многу отворено за ова со Петков. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира, без притисок, така како што чувствува, тоа да се рефлектира во Уставот. Мислам дека ништо лошо нема да ѝ се случи на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија. Значајно е да се отворат преговори за зачленување во ЕУ зашто така градиме сигурна иднина. Рамковниот договор ги има опфатено сите малцинства кои живеат овде и со сигурност со прифаќање и со значајните измени кои ќе се направат само ќе ја зајакнеме нашата држава и европските стандарди и диверзитетите. Ќе имаме претставување и на Хрватите и Црногорците, кои исто така имаат покренато прашање да се претставени во Уставот на РСМ. За тоа да се случи треба храброст и добра волја од сите – Собранието, невладиниот сектор и медиумите, рече Ахмети, нагласувајќи дека тоа е стратегија значајна за почеток на преговорите за ЕУ.

Јавноста знае, рече тој, дека разликите помеѓу Скопје и Софија досега се покажале како пречка и на средбата се заинтересирал како би можел да се ангажира за решението.

– Но, јас денес видов многу голема волја кај премиерот на Бугарија ова прашање да има епилог и колку може побрзо да се изнајде заедничко прифатливо решение за двете страни. Ние да ги отвориме преговорите за членство во јули оваа година, рече лидерот на ДУИ.

Притоа, Ахмети нагласи дека Македонците не треба да имаат дилема, зашто тој е нивни сограѓанин и е заинтересиран да не се чувствуаат лошо. Обврзан е како претставник на ДУИ неговите сограѓани, како што рече, да ја осетат поткрепата од политиката на партијата што ја предводи.

Ахмети рече дека на средбата со Петков истакнал дека двете земји имаат потреба од релаксирање на односите и да зборуваат многу отворено за теми кои бараат решение, но не треба, рече, да бидеме преокупирани со емоции, туку рационални.

Се согласиле за што поскоро почнување на изградбата на Коридорот 8, и патниот и железничкиот, заради тоа што поврзува градови од Бургас преку Скопје до Тирана и зближува, за да се подобри комуникацијата и соработката во повеќе области – економија, инвестиции, култура.

На новинарско прашање дали разговарале и за македнското малцинство во Бугарија, Ахмети одговори дека не разговарал за реципроцитет бидејќи, како што рече, „ние сме во ситуација во која треба со внимание да менаџираме зашто е стратешки интерес на нашата земја да имаме сигурност и функционална стабилност”.

– Тоа се прашања кои припаѓаат на Уставот на Бугарија и јас немам доволно познавање за да отворам вакви теми, рече лидерот на ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот