Ахмети: Мицкоски не бил дел од војната, само ја гледал на телевизија

Христијан Мицкоски не треба да зборува за војна, бидејќи тој не бил дел од неа, само ја гледал на телевизија, изјави претседателот на ДУИ Али Ахмети на вчерашната трибина во Тетово.
Одговарајќи му на Мицкоски кој неодамна побара од лидерот на ДУИ да каже колку милиони евра добило неговото семејство на сметка на жртвите од воениот конфликт во 2001 година, Ахмети кажа дека досега молчел бидејќи тишината е лек и оти 20 години работат на градење стратегии за да се реализираат нивните цели и затоа се ценети од гласачкото тело на ДУИ.
Само со повеќе работа можеме да бидеме силни, не само 20 години туку и повеќе. Поминаа 20 години, затоа што ги планиравме работите во секоја фаза, како ќе одат. Постапувавме во тешки времиња, во многу деликатни околности, иако на доброто му нема крај, има уште многу работа, порача Ахмети.
Во однос на уставните измени, лидерот на ДУИ очекува тие да се случат за два до три месеци и дека тие не се само во интерес на Албанците, туку и за сите граѓани во државата.
Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот, заклучи Ахмети на вчерашната трибина во Тетово.