Ахмети ги пали лојалните за да ги гаси „огнените“

Митинг за разрешница на политичката војна помеѓу „ахметистите“ и „огнените“ или вежба што ќе покаже на чија страна е членството и симпатизерите? Такви беа коментарите пред синоќешниот митинг на ДУИ во бастионот на бунтовниците – скопската населба Чаир, собир на кој требаше да се обрати и партискиот лидер Али Ахмети. Се очекуваше тој да упати порака до „огнените“, но никој не сакаше да претпоставува дали таа ќе биде со цел повторно да ги обедини во партијата или целосно да раскрсти со сопартијцитебунтовници.

Ова е прв голем митинг на кој ќе се обрати Ахмети, откако двете завојувани страни на ДУИ половина година оддржуваат паралелни собири. Првиот вицепремиер Артан Груби, кон кого е насочен гневот на „огнените“, митингот и обраќањето на Ахмети го најави како спектакл, а претходно како никогаш досега „ахметистите“ направија кампања под мотото „Тој доаѓа“ како да станува збор за предизборна кампања, а не за „обичен“ партиски собир.

Груби, од вчера на Фејсбук се обидува да искреира спектакуларна атмосфера по повод обраќањето на Ахмети во Чаир.

Ми недостигаше ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети во Скопје! Ветувам невиден спектакл, особено за младите. Не пропуштајте го, зашто потоа ќе барате да слушнете од другите како беше да се биде дел од историскиот митинг од кој ќе се гради иднината“, напиша Груби.

Митингот и обраќањето на Ахмети во Чаир, како што велат за „Слободен печат“ извори од ДУИ, е само прв од низата слични настапи – во Сарај, Студеничани, Арачиново, односно во сите општини во кои „огнените“ веќе одржаа партиски собири на кои го изразуваат незадоволството од сработеното на министрите предводени од Груби.

За информацијата дека „огнените“ нема да дојдат на собирот во Чаир, бидејќи не биле поканети, „ахметистите“ или како што ги нарекува предводникот на „огнените“ Изет Меџити „артанисти“, велат дека ако тие се дел од ДУИ „не треба никој да ги кани за да дојдат во својот дом“. „Ахметистите“ велат дека ако „огнените“ присуствуваат ќе покажат дека се за ДУИ, во спротивно дека други им се намерите. Тие сметаат дека Меџити, како претседател на чаирскиот огранок, и Висар Ганиу, како градоначалник на Чаир, треба како домаќини да го пречекаат лидерот Ахмети. Тие ги отфрлаат и обвинувањата на „огнените“ дека вршат притисок врз административците за да присуствуваат на собирот.

Пред речиси еден месец во истата спортската сала „Шабан Трстена“ голем собир во Чаир имаа поддржувачите на „огнените“.

Наспроти „ахметистите“, Муса Џафери, еден од експонентите на „огнените“ за „Слободен печат“ вели дека му е жал што се обидуваат да ги мерат силите со нив преку собири.

„Ние имавме собир во таа сала и се знае колку луѓе може да собере. Тие ја притискаат администрацијата, прават списоци и им се закануваат за да дојдат на собирот. Не ми влегува во глава што сакаат да докажат. Јас да бев на нивна позиција, односно да сум власт, во најмала рака ќе организирав митинг во салата „Борис Трајковски“, не во салата во Чаир. Нема да влеземе во нивната замка и да се пребројуваме на чиј собир ќе дојдат повеќе луѓе. Тие ја немаат енергијата како на нашите собири кои се се побројни“, вели Џафери.

Судирот помеѓу „огнените“ и „ахметистите“ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за огнените е нестатутарен, бидејќи Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Ова се толкува како партиска елиминација на „огнените“ од страна на лидерот и се очекувадека слични координатори ќе добијат сите непослушни партиски ограноци.

Потврда дека битката на терен ќе продолжи се и најавите на „огнените“ дека по верскиот празник Рамазан Бајрам ќе организираат големи собири, а во меѓувреме додека трае постот ќе го одржуваат огнот со помали.

Впечатлива е и информацијата дека Меџити, според рејтингот, му дише во врат на лидерот на ДУИ Ахмети, барем така покажало истражувањето спроведено во втората половина на февруари, што го објави телевзијата Аласат. Според истражувањето, Албанците за Меџити имаат високо позитивно мислење – 43,5 отсто од анкетираните, веднаш по Ахмети – 48,9 отсто и по лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари – 46 отсто од испитаниците. Најнегативно мислат за првиот вицепремиер Артан Груби – 58,3 отсто и за лидерот на ДПА Мендух Тачи – 58,6 отсто.

За недоразборањата во ДУИ 30,5 отсто од испитаниците сметаат дека војната на огнената група е фер, додека околу 14 отсто оценуваат дека тоа е лична битка против претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Премиерот Димитар Ковачевски и посака успех на ДУИ на митингот во Чаир за кој смета дека е вообичаена партиска активност.

„Тоа се нормални активности што ги прави секоја политичка партија, какви што впрочем во текот на последниот квартал во 2022 година ги направи и СДСМ кога имавме 70 трибини, серија што заврши со голем собир со над 11.000 членови, симпатизери и граѓани во салата „Борис Трајковски“,  рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот