Ахмети да размислува за реформи во својата партија

Али Ахмети и Рамиз Мерко
Али Ахмети и Рамиз Мерко / Фото: МИА

Оставката на лидерот на СДСМ Зоран Заев е добар пример на одговорност во случај на лош изборен резултат, кој треба да го следат и лидерите на другите партии, па и тие на Албанците – велат политички аналитичари. Тие сметаат дека лошиот резултат на ДУИ треба да биде повод за реформи во таа партија. Иако ДУИ во албанскиот политички блок освои најголем дел од општините, сепак загуби во урбаните општини во кои доминираат Албанците, како Тетово, Гостивар, Дeбaр, но и во Град Скопје, каде што ја поддржа кандидатурата на СДСМ.

– По три декади демократија се чини е воспоставен добар преседан лидер на партија да преземе одговорност за лош изборен резултат. Таа практика е во основа добра и води кон демократизација во рамките на партиите. Мислам дека ваквата практика треба да ја следат сите други партии, и оние од македонскиот и од албанскиот спектрум. Изборниот пораз да означува реформи и смени во раководствата на партиите – вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу.

Според Селим Ибраими од Институтот за безбедносни и развојни студии (ИБРС), локалните избори ја покажале потребата од промени во ДУИ и во СДСМ.  

– Ова е болен пораз за партијата на Али Ахмети. Сега тој и другите треба да размислуваат. Актуелниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев поднесе оставка по поразот во Скопје. Победата на Ахмети во Кичево е незначителна во споредба со поразот во Гостивар и во Тетово. Тоа говори дека албанското гласачко тело од последните избори бара промени – вели Ибраими.

Публицистот Нијази Мухамеди оценува дека внатрепартиските реформи на политичките партии на Албанците не би донеле ништо корисно, отколку што би донело нивното поголемо автономно делување и оттргнување од влијание или контрола од големите македонски партии  ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за нивните изборни интереси.

– Од овие избори доаѓа сигнал, што треба да се слушне, дека кај Албанците доаѓа нова генерација гласачи. Со демократската свест на оваа нова генерација се случи нешто квалитативно ново на изборниот простор од Арачиново до Струга. Случајот со Арачиново, во овој поглед е поинтересен за анализа од оној со Тетово, па затоа напорите за „контролата“ на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе се декласифицирани – вели Мухамеди за „Слободен печат“.