Ахмети бара премиер Албанец, Заев му вети место во опозиција

Една радикална и амбициозна предизборна „понуда“ до својот електорат, пласирана викендов од ДУИ, и една остра реакција од СДСМ се закануваат засекогаш да ги прекинат мостовите за соработка помеѓу овие двете партии, актуелни коалициски партнери.

Во обид да го анимира своето членство и електорат и да ја наелектризира политичката реторика, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на прослава на 18-годишнината од формирањето на неговата партија, викендов изјави дека е дојдено време Македонија да добие Албанец за премиер. „Идејата“ беше дочекана на нож од разни страни. СДСМ му порача дека, ако ова е услов за владина коалиција, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната влада. За албанските партии ваквата идеја на ДУИ е популистичка, а Ахмети нема легитимитет да зборува за потребите на граѓаните. Аналитичари и интелектуалци порачаа дека Ахмети и ДУИ, бидејќи се заглавени во етнонационалистички концепт, нема што друго да им понудат на гласачите, и дека овие избори се добра можност оваа партија, која од своето формирање, речиси без исклучоци, постојано е на власт, конечно да замине во опозиција. За други, пак, ова е инфантилна и несериозна изјава на Ахмети.

Во обраќањето по повод полнолетството на партијата, Ахмети говореше за придобивките на албанскиот народ во изминатите 18 години и, меѓу другото, рече дека следната цел што треба да ја реализираат е Албанец за премиер.

– Заедно ги определивме и ги остваривме нашите цели и, на оваа толку важна годишнина за сите нас, заедно да ја определиме нашата следна цел почнувајќи од следните избори – да ја реализираме определбата за да избереме ценета, почитувана и докажана личност, таа или тој, кој ќе го избереме заедно, за првиот Албанец премиер на земјава – рече Ахмети.

На ова прво следуваше енергична реакција од неговиот коалициски партнер Зоран Заев.

– Доколку СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Владата и ќе бидам премиер што еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав низ сите мои политики изминативе години. Соодветно на тоа, доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната влада – реагираше Заев во објава на Фејсбук.

И лидерот на БЕСА, Биљал Касами, се огласи на Фејсбук оценувајќи дека идејата на ДУИ во околности кога веќе има одредени списоци за кандидати за пратеници и паузиран изборен процес, е популистичка, со цел да се соберат политички поени.

– Фрлањето на оваа идеја во овој момент повеќе може да се толкува како показател дека ДУИ ќе оди во опозиција и пред своите гласачи за да се оправда дека тие не добиле премиер од своите редови и мора да одат во опозиција – напиша Касами на Фејсбук.

Според него, неуспесите на 18-годишното владеење на ДУИ не можат да бидат покриени со, како што вели, пуштање на „една рака муви“ за барање за премиер Албанец.

Сличен став изнесе и Алијансата на Албанците, која преку соопштение го окарактеризира 18-годишното владеење на ДУИ како години исполнети со неуспеси, со неисполнети ветувања и со коруптивни скандали.

– Ако ДУИ ја исполнеше својата обврска кон граѓаните за сите дадени ветувања и ако беше искрена во идејата за албанско владеење, а не консензуално, вие би го поддржале кандидатот за албански претседател на претседателските избори. Но, вие се одлучивте за консензуален претседател, а оваа поддршка беше само ваша политичка игра во замена за партиски интереси, со цел да победите неколку општини на локалните избори што знаевте дека сте ги изгубиле – наведе Алијанса за Албанците во соопштението.

Коментирајќи ги изјавите на Ахмети, потпретседателот на ДПА, Орхан Ибрахими, рече дека е „скандалозно, неподносливо, катастрофално и со трагични размери за Албанците, по 18 години владеење, презаситено со корупција и потопено во национални и меѓународни афери, овој „лидер“ да продолжува со крајна нечувствителност и бесрамност да си игра со нашиот колективен интелект.“

Изјавите на Ахмети иритираа и повеќе јавни личности да се јават со реакции. Професорката Мирјана Најчевска вели дека ова е единствената кампања што може да ја води ДУИ.

– Што друго може да понуди? Може ли да посочи некое посебно подобрување на животот на Албанците во Македонија како резултат на 20 години владеење? Според мене, ако сега на овие избори Албанците во Македонија не го столчат ДУИ и не го исфрлат, ако не засекогаш, тогаш барем на подолг период од политичката сцена, ќе си останат заглавени во селскиот нужник во кој моментално се наоѓаат – вели Најчевска.

Незадоволство изразија и интелектуалци Албанци.

– Ова е инфантилна и многу несериозна изјава. Пред да се каже такво нешто, потребен е консензус меѓу Албанците, а потоа да се даде таква изјава. Но, ова не држи вода ако се земат предвид односите на партиите на Албанците едни со други – вели Шпетим Положани, претседател на Здружението на политички затвореници.

Аналитичарот Арсим Синани оцени дека идејата на Ахмети е чудна и обид за спас.

– Оваа идеја е колку да се преживее политички затоа што на тој начин мисли дека ќе може да се спаси и да освои уште еден мандат. Не верувам дека Ахмети во својата кариера ќе доживее премиер Албанец, затоа што мислам дека тој наскоро ќе замине во пензија. Тоа ќе му го забрза и ковид-19 затоа што граѓаните видоа дека тој не е способен на граѓаните да им гарантира ниту здравје – вели Синани.

Во земјава сѐ уште не е определен датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Изборите требаше да се одржат на 12 април, но беа пролонгирани поради епидемијата со коронавирусот. Оттогаш партиите не можат да се договорат за датумот за избори. СДСМ како последен термин го нуди 5 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека избори во овој период не се возможни поради актуелната ситуација со коронавирусот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот