Агуеро на мета на Барселона и на уште два италијански гиганти
Еден од најбараните фудбалеи на кои на лето им истекува договорот е Серхио Агуеро за кого интерес пројавуваат неколку екипи, а наводно веќе се започнати и преговори.
Речиси е сигурно дека Серхио Агуеро на лето ќе ја заврши својата одисеја во Манчестер сити. Аргентинецот на „Етихад“ стадионот пристигна 2011 година и во изминатите десет сезони стана најдобар стрелец кој е странец во Премиер лигата, но честите повреди во последните две сезони го натераа Агуеро повеќе време да помине на рехабилитација отколку на теренот.
Сепак, и покрај проблемите со повредите, Серхио Агуеро сè уште е интересен за најголемите европски екипи кои сакаат да го ангажираат на лето.
Засега, најголем интерес пројавува Барселона и тоа поради желбата на привремената управа но и на кандидатите за претседател, со потписот со Агуеро да влијаат на Лионел Меси да одлучи да остане на „Камп Ноу“. Причината за тоа е што Меси и Агуеро се многу добри пријатели.
Но, на Барселона нема да и биде нималку лесно да победи во трката за потписот со Агуеро бидејќи освен големите финансиски проблеми, тие имаат конкуренција во италијанските Јувентус и Интер кои исто така сакаат да го видат одличниот напаѓач во своите редови.