Агентот на Пандев: Тој сака да ја врати Парма во Серија А

пандев
Горан Пандев пред дилема дали да остане во Парма или да оди во пензија/Фото: instagram.com/parmacalcio1913

Наскоро ќе се дознае дали Горан Пандев (38) ќе продолжи со Парма или ќе потпише со друг клуб, или ова лето ќе ја заврши богатата фудбалска кариера.

И италијанските медиуми објавуваат дека поранешниот македонски репрезентативец е во дилеми дали да игра уште една година фудбал или да оди во пензија.

Агентот на нашиот напаѓач, Леонардо Корси вели дека Пандев е на одмор и сè уште не е разговарано со клубот за можно продолжување на соработката.

Составот на Џузепе Јакини ја заврши сезоната во италијанската Серија Б на 12 место со 49 бодови. Пандев во шампионатот запиша 11 настапи и еден гол во триумфот над Порденоне (4:1).

– Ќе треба да седнеме на маса да видиме каков ќе биде проектот на клубот. Не брзаме, можеби ќе има повеќе информации во текот на следната недела. Мислам дека може да даде важен придонес за овој тим, со својата човечка, професионална и техничка вредност. Тој сака да продолжи да игра и е мотивиран, би било убаво да продолжиме заедно доколку има идеални услови за техничкиот проект. Тој е голем професионалец, дури и ако малку се зборува за него. Неговата желба е да ја врати Парма во Серија А, тоа би било убаво финале на неговата кариера. Горан и Парма заслужуваат да бидат на големите сцени – вели Корси.

Видео на денот