Аерозагадувањето се врати, „бранителите“ неспремни?

скопје човек пешак загадување
фото: ЕПА/ЕФЕ/Ѓорѓи Личовски

Аерозагадувањето се враќа на голема врата, покажуваат бројките на измерените вредности на ПМ-честичките во повеќе реони на Скопје, но и во повеќе другите градови во земјава. Веќе една недела се регистрираат континуирани или повремени неколкукратни надминувања на прагот на загадување.

Од 28 октомври до 3 ноември сите мерни станици во Скопје имале просечни дневни вредности над законски пропишаните 50 милиграми на кубен метар ПМ10 честички. Измерените средни вредности за последнава недела покажуваат дека со загадување на воздухот предничат Кичево, Тетово и Гостивар, во западниот регион, како и Кавадарци, Струмица и Куманово во источниот. Само Гевгелија може да се пофали со присуство на ПМ10 честички под законски дозволениот максимум.

И додека во предизборната кампања владејачките партии честопати се фалеа дека успешно се справуваат со проблемот со аерозагадувањето, граѓанските здруженија имаат поинакво мислење.

– Во последниве седум години никој од власта не направил нешто за да се подобри квалитетот на воздухот. Тоа што некои денови има помало загадување е благодарение на временски услови. Само ветер, дожд и снег можат да ни помогнат во моментов, бидејќи план за решавање на проблемот никој досега не понуди – вели Горјан Јовановски, еден од двајцата советници од Зелен хуман град во Советот на Град Скопје.

Неговата колешка од ЗХГ, Драгана Велковска, смета дека е потребна објективна анализа за точно лоцирање на загадувачите.

– Откако точно ќе се утврдат загадувачите, неопходна е континуирана и ригорозна контрола на индустриските капацитети со ревидирање на нивните интегрирани дозволи – смета Велковска.

Владата во одговор до „Слободен печат“ тврди дека останува на своите стратешки определби во однос на заштитата на амбиенталниот воздух, а тоа е делување на изворите на загадување во кои спаѓаат и нееколошките начини на затоплување.

„Субвенционирање на инвертерите се реализираше преку ЕСМ и општините Скопје, Битола, Кичево и Тетово и беше една од мерките за стимулирање на замена на старите печки на дрва. Другата мерка беше субвенционирање на печки на палети, за замена на стари печки на дрва. Субвенционирањето беше направено под пропишани критериуми и на детектирани локации на кои имавме најголема концентрација на загадување на воздухот во изминатите години. Овој начин не е само во функција на заштита на квалитетот на воздухот туку и во однос на поголема енергетска ефикасност“- наведува Владата во својот одговор на прашањето што се презема за намалување на аерозагадувањето.

Во врска со потребата од позачестени контроли на загадувачите, од Државниот инспекторат за животна средина велат дека тие имаат одредена динамика за проверки на индустријата, врз основа на процена на ризик, а за своите наоди изготвуваат редовни полугодишни извештаи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот