Аеродром: Укинати уште две градежни маркички – наместо нови станови, ќе се садат нови дрвја

Започна постапката за бришење две градежни маркички во Реонскиот центар во Аеродром, Фото: Фејсбук

На последната седница на Советот меѓу другото е донесена и одлука за изградба на нова детска градинка на местото на кафаната во училишниот двор на ОУ „Блаже Конески“.

Укинување на две градежни маркички на потегот помеѓу Перла Бјанка и Маркет ЗУР, со што наместо колективни згради ќе се предвиди парковско зеленило, најавува градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Според него, на негова иницијатива, Советот на Општината на последната седница освен оваа одлука, донел и одлука за изградба на нова детска градинка на местото на кафаната во училишниот двор на ОУ „Блаже Конески“.

– На седницата Советот на Општина Аеродром донесе одлука за изградба на нова детска градинка на местото на кафаната во училишниот двор на ОУ „Блаже Конески“. Ова беше еден од најголемите проблеми на мичуринци во предизборието, па затоа ставивме приоритет во неговото решавање. Повеќегодишниот проблем на граѓаните со места во градинките конечно се решава и граѓаните можат да бидат спокојни. Исто така, на седница Советот донесе одлука за укинување на две градежни маркички на потегот помеѓу Перла Бјанка и Маркет ЗУР и наместо колективни згради ќе се предвиди парковско зеленило. Со овие одлуки Општина Аеродром јасно става на знаење дека потребите и мислењето на граѓаните се и наш приоритет и дека со нас како локална власт имаат партнер во решавање на сите проблеми – истакна Муцунски.

Според градоначалникот, тие како локална самоуправа интензивно работат на многу нови проекти од општ и јавен интерес.

– Правиме сè за поубава и зелена општина и ги остваруваме проектите што ги ветивме во предизборниот период за да ја оправдаме поддршката од граѓаните – заклучува градоначалникот.

Ова не е прва одлука на Советот на Општина Аеродром за бришење градежни маркички. Идентична одлука Советот на Општина Аеродром претходно донесе и за бришење градежни маркички во Реонскиот центар.

Станува збор за пренамена на просторот од претходно предвидената изградба на станбена зграда и општинска зграда во парк.

– Среќен сум што Советот ја изгласа оваа иницијатива и конечно ќе се слуша гласот на граѓаните. На ова место во нашата програма предвидовме да има парк од 5.000 м2 со монтесори содржини – напиша тогаш на својот Фејсбук профил, градоначалникот Муцунски.

Паркот ќе се наоѓа во делот зад ТЦ „Лиса“ и станицата за технички преглед. Во консултација со стручни лица, во овој парк ќе бидат засадени најразлични видови дрвја согласно со спецификите на подрачјето, вети Муцунски.

Според најавите, освен зеленило, во паркот ќе има и бројни детски реквизити, урбана опрема и интересни содржини за сите возрасти на деца.

Видео на денот