Аеродром е прва општина со европско знаменце

Фото: mia.mk

Европската агенда на Општина Аеродром поставена преку Стратегиската платформа за ЛЕР 2021-2025 година под работен наслов „Општина Аеродром – прва општина со европско знаменце” доби своја круна. Тоа е одобрениот проект „Clean AirDrom” во форма на грант од Европската Унија, кој од финансиски и тематски аспект е најголем и е прворангиран на Јавниот повик за општински проекти на Европската Унија во Република Северна Македонија, информираат од прес-службата на Општина Аеродром.

Од општината посочуваат овој проект е иницијален сегмент на сеопфатниот процес на врвно управување со животната средина и екологијата што го применува општината, настојувајќи да постави највисоки европски стандарди и да инкорпорира најуспешни европски практики. Самиот проект директно влијае врз свеста и екокултурата на жителите на општината на тој начин што секое домаќинство во Општина Аеродром ќе добие соодветна канта за отпадоци со три прегради (сина, жолта и зелена) за директна селекција на хартија, пластика и стакло. Токму затоа и работниот наслов на проектот е „Селекција на отпад од куќен праг”.

– Собраниот селектиран отпад домаќинствата ќе можат да го фрлаат во 20 соодветни „вендинг-машини”, кои ќе бидат поставени за опслужување на неколку згради и притоа ќе можат да собираат поени, односно финансиски средства како вид рефундација и мотивација за вклученоста во процесот на селекција. Понатаму акумулацијата на насобраниот селектиран отпад и неговата комерцијализација, односно повторно пуштање во употреба или практикување на процесот на „циркуларна економија” на локално ниво во форма на засебен проект ќе го раководи Јавното претпријатие за управување со развојни проекти на Општина Аеродром, посочуваат од општината.

Велат дека имплементацијата на проектот ја поставува Општина Аеродром на пиедесталот во практикување на општинските услуги во целост усогласени со Поглавје 27 – Животна средина од Преговарачката рамка со ЕУ.

Политиката за животна средина на ЕУ има цел да промовира одржлив развој и да ја заштити животната средина за сегашните и идните генерации. Таа се темели на превентивно дејствување врз принципот „загадувачот плаќа”, на борбата против изворите на штета во животната средина, на заедничката одговорност и интеграција на заштитата на животната средина во другите политики на ЕУ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот