АЕК примила 300 претставки од граѓани за девет месеци: Најмногу поплаки за висина на сметки и за мобилната телефонија

Агенција за електронски комунакции АЕК / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Во првите девет месеци од годинава се доставени 332 претставки од граѓани до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Во првото тромесечје имало 165 претставки, во второто – 79, а во третиот квартал – 88. Бројот на претставки годинава е помал од оној лани кога во истиот период во АЕК пристигнале 464 претставки.

Во овој период најмногу претставки имало за двата големи телекомуникациски оператори – Македонски телеком и А1. Од корисниците на услугите на Македонски телеком во АЕК се пристигнати 180 поплаки, а за А1 имало 113. За Телекабел Роби имало вкупно шест претставки, по два во секој квартал, за Неотел – три, исто толку, и за Тотал ТВ, две биле за ИП Систем, а 25 претставки биле за останати даватели на телекомуникациски услуги, информираат од АЕК.

Граѓаните најмногу се жалеле за услугите во мобилната телефонија и тоа најмногу на оние кои се однесуваат на говорен мобилен за што во АЕК во овој период пристигнале 51 претставка. Со поплаки за мобилниот интернет до Агенцијата се обратиле 19 граѓани. Вкупно 30 претставки имало и за проблеми со преносливост на броевите, односно за можноста корисникот да се префрли од еден на друг оператор. Во деветте месеци имало и седум претставки за услуги во роаминг и тоа три за говорен и четири за интернет во роаминг. За фиксната телефонија, пак, имало 17 претставки – шест за фиксна телефонија и 11 за фиксен интернет.

Најголем дел од поплаките на граѓаните се однесувале на висината на сметките, односно наплатени услуги кои граѓанинот смета дека не ги добил. Од сите пристигнати приговори АЕК има усвоено (целосно или делумно) 55. Одбиени се 85, додека 48 се отфрлени поради ненавременост, ненадлежност и слични причини.

Агенцијата за електронски комуникации е втора инстанца во која се обраќаат граѓаните за проблемите со телекомуникациските оператори. Првично, тие законски се должни приговор да поднесат до опараторот кој има обврска да им одговори во рок од 15 дена.

Доколку нивниот приговор опараторот го отфрли како неоснован, корисникот на услугите може да се обрати до АЕК со поднесување документација (приговорот до операторот, неговиот одговор и друго). Агенцијата за добиениот приговор од корисникот го информира операторот за кого се однесува преставката, кој во рок од 15 дена треба да достави одговор.

Решението кое низ утврдена постапка ќе го донесе Агенцијата е конечно, но операторот или граѓанинот има можност да го обжали во судска постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот