Адвокатот на Мијалков бара запирање на постапката за „Таргет – Тврдина” – Слободен печат
ВестиМакедонија

Адвокатот на Мијалков бара запирање на постапката за „Таргет – Тврдина”

Согласно законот на СЈО само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител, рече Шврговски.

Запирање на постапката за предметот „Таргет -Тврдина”, со образложение дека се води без барање на овластен обвинител и дека присутниот обвинител Артан Ајро не е надлежен за овој предмет, побараа денеска адвокатите на обвинетите во предметот за прислушување и уништување на опремата во МВР.

Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски на судењето во Кривичниот суд појасни дека законот на СЈО  е во правна сила до 2020 година со што само СЈО може да води постапки за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

-Согласно законот на СЈО само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител, рече Шврговски.

Рочиштето треба да продолжи со сведочење на Зоран Верушевски предложен од обвинителството за преметот Таргет-Тврдина  на СЈО, кој што го презема во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет Тврдина” се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Ленче Ристевска. Советот на јавни обвинители на 16 септември донесе одлука со која обвинителката Ристевска беше разрешена од СЈО и вратена во матичното ОЈО Скопје.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close