Џастин Балдони и Рајан Рејнолдс / Фото: EPA

Адвокатот на Џастин Балдони му одговори на Рајан Рејнолдс: „Ти ја почна работата, а сега сакаш да побегнеш“

Адвокатот на Џастин Балдони, Брајан Фридман, се огласи во врска со барањето што Рајан Рејнолдс го поднесе за да биде исклучен од тужбата за клевета во вредност од 400 милиони долари, која Балдони неодамна ја покрена против Блејк Лајвли и Рејнолдс. Според Рејнолдс, обвиненијата на Балдони немаат правна основа.

Фридман изјави дека Рејнолдс „арогантно бара“ да биде исклучен од случајот, иако бил јавно вклучен во настаните, многу подалеку од тоа да биде само „поддржувачки сопруг“ на Лајвли.

„Господинот Рејнолдс беше клучен играч во оваа шема“, изјави Фридман за „Пејџ сикс“, додавајќи дека „отпечатоците“ на Рејнолдс се присутни низ целата кампања за оцрнување на Балдони.

Тој додаде дека наводите против Рејнолдс се „реални и сериозни“ и дека актерот може да се појавува во колку сака емисии за да ја ублажи ситуацијата, но нема да биде оставен на мира сè додека не ја преземе одговорноста за своите постапки.

Во вторникот, адвокатите на Рејнолдс поднесоа барање за одбивање на тужбата, тврдејќи дека наводите на Балдони за клевета немаат правна основа.

Тие истакнаа дека Рејнолдс стои зад својата изјава дека Балдони е „предатор“ и дека има право да го искаже своето мислење.

„Ова не е клевета, освен ако не можат да докажат дека господинот Рејнолдс не верувал во својата изјава. Тужбата не го наведува тоа – напротив, таа дури и имплицира дека Рејнолдс искрено верува дека Балдони е предатор“, се вели во документите.

Адвокатите наведуваат дека Лајвли приватно и преку неколку официјални жалби го обвинила Балдони за сексуално вознемирување и одмазда, а Рејнолдс имал право да го изрази своето мислење врз основа на тие информации.

Да потсетиме, Балдони ја поднесе својата тужба во јануари 2025 година, кратко откако Лајвли го тужеше за сексуално вознемирување и организирање кампања за оцрнување против неа.

Во својата тужба, Балдони тврди дека Рејнолдс му рекол на агент од „WME Talent Agency“ дека тој е „сексуален предатор“. Овој разговор, според Балдони, се случил на премиерата на „Дедпул и Вулверин“ („Deadpool & Wolverine“) во јули 2024 година, а Рејнолдс тогаш побарал агентот да престане со каква било соработка со него. Во декември 2024 година, „WME“ навистина ја прекина соработката со Балдони, но негираше дека тоа било поради влијанието на Рејнолдс.

Судењето помеѓу Блејк Лајвли и Џастин Балдони е закажано за март 2026 година, а Балдони ги негира сите обвинувања против него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот