Адвокатите на Бошковски: Судот треба само да одлучи кој колку е виновен за тортура

Фото Архива

Судењето за случајот за апсењето на Љубе Бошкоски, „Тортура”, продолжува на 14 јули, откако денес завршни зборови дадоа обвинетите. Oдбраната ќе треба да се произнесе по обвинението на оваа преотворената постапка за предметот. Ако одбраната нема дополнителни докази, ќе продолжи со давање за завршни зборови.

Според адвокатот Миле Петровски, јавниот обвинител на денешното рочиште не предложил нови докази или измена и допрецизирање на обвинението. Тој побара од судот, да дозволи да го видат записникот за да може, како што рече, поопстојно да одговорат во завршниот збор, кој денеска практично бил проширен.

– Со оглед дека расправата беше претворена зашто судот кажа дека не може да донесе пресуда поради недостатоци, а денеска јавниот обвинител го промени тежиштето како, од каде и од кого е извршена тортура и изнесе друго мислење за тоа кога и каде настанале пречекорување на овластувањата, добро е судот да ни го даде записникот за да може да дадеме поопстојно мислење, изјави Петровски.

Бранителот Петар Василев, рече дека иако денешното рочиште требаше да биде дополнение на постапка, не бил изнесен ниту еден нов доказ или нешто ново во однос на околностите релевантни за овој предмет. Според него, денес било изнесено само мислење на обвинителот, кој според Василевски, повторно без поткрепа од докази ја изнесе својата теорија на случај.

-Во конкретниот случај не се исполнети условите да се поднесе апликација пред ЕСЧП бидејќи неспорно се утврди дека оштетениот во домашното правосудство и во домашната постапка не повел ништо во овој правец, во правец на тортура. Напротив, не дал забелешка на чинот кој е предмет на оваа постапка, а бил и во присуство на бранител. Европскиот суд бара, за апликацијата да биде основана да бидат исцрпни сите правни лекови и постапки во судовите во државната од каде потекнува, за подоцна да се поднесе апликација пред Европскиот суд, изјави Василев.

Застапникот на оштетениот Љубе Бошкоски, адвокат Константин Крстовалиев, рече дека врз основа на формално добиеното решение, според нив, судот нема дилема во однос на изведените докази за лицата кои се обвинети како учесници во делото и предизвикувачи на штетата. Основната дилема, според него, е колкав е придонесот врз основа на преземените дејствија на секој од обвинетите.

-Сметаме дека овој сегмент на утврдување на ефектите на штетата и корелативниот однос на секој од обвинетите е во доменот не на вината, туку во доменот на висината од одредената казна, ако судот утврдил дека штетата е предизвикана, изјави Крстовалиев.

Случајот за апсењето на Љубе Бошкоски, е вратен во фаза на дополнение на доказна постапка, откако судијката Александра Ристовска, која го води судењето за предметот „Тортура” на 17 јуни, не ја објави најавената пресудата за овој случај со образложение дека на судот не му било јасно кои дејствија ги презеле обвинетите и закажа ново рочиште.

Обвинителот Лапе, на денешното рочиште, рече дека околностите кои судот смета дека треба да се дообјаснат, за тоа кој од обвинетите кое дејствие го преземал, веќе се веќе јасни и утврдени.

– Сметам дека обвинетите се поединечно наведени и дека сите употребиле прекумерна физичка сила и го легнале пред камера, знаејќи дека се снима и со тоа заедно го сториле делото, изјави Лапе.

Во поглед на околноста, кој обвинет и кое дејствие со колкав интензитет го презел, обвинителот Лапе, рече дека тоа јасно се гледа од видео снимката, како и од исказот од тројца сведоци.

Случајот „Тортура”, во врска со приведувањето на Љубе Бошковски, на 4 јуни 2011 година, беше отворен од поранешното СЈО.

Првообвинет во овој случај е екс-директорот на УБК Сашо Мијалков и шест припадници на единицата ,,Алфи”.

Обвинението за „Тортура” се темели на голи претпоставки, смета одбраната на Сашо Мијалков

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот