Адвокат со одземена лиценца е осомничен дека ги потпалил просториите на Адвокатската комора

Фото: МВР

МВР распиша меѓународна потерница по 41-годишниот адвокат Александар Ристески од Скопје, кој е осомничен дека на 25 ноември со умисла се обидел да ги запали просториите на Адвокатската комора, подметнувајќи пожар на скалите во зградата во која е сместена Комората.

На Ристески неодамна му била одземена адвокатската лиценца на три години, откако Центарот за социјални работи во Свети Николе го пријавил дека нападнал службеници на Центарот и дека им се заканувал, во врска со случај кој го водел.

Од Комората велат дека службениците биле викнати за сведоци и нивните изјави се документирани, по што дисциплинскиот суд на Комората, кој е независно тело донел одлука на Ристески да му се одземе лиценцата.

Од комората за „Телма“ велат дека иако имал право, Ристески не поднел жалба на одлуката, а такви одлуки органот на Комората носел и претходно, за други свои членови.

Обвинителството вчера отвори истрага, а причинетата штета од пожарот се проценува на околу 150 илјади евра. Веројатно гневен поради одземената лиценца, Ристески рано утрото на 25 ноември дошол во зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со „фантомка“, по што со секира ја скршил влезната врата. Тој потоа наредил коцки за потпалување со керозин на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и ги потпалил со употреба на плинската запалка.

Триесетина минути по пожарот, Ристески избегал од државата преку граничниот премин Блаце кон Косово. Тој се товари за тешки дела против општата сигурност, за кои е предвидена повеќегодишна затворска казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот