Адетокумпо подобар од Ембид, Милвоки прв на Истокот
Милвоки бакс ја победи Филаделфија со 128:122 и го обезбеди првото место во Источната конференција во пресрет на плејофот.
Одлучувачки момент за победата беше серијата на Милвоки од 14:1 во самиот финиш со кои на неполни две минути дојде до недостижна предност од осум поени (127:119).
Најзаслужен за победата беше Јанис Адетокумпо кој имаше фантастична вечер со 45 поени, 13 скокови, 6 асистенции и 5 блокади од кои четири беа над првата ѕвезда на Филаделфија, Џоел Ембид.
Токму Ембид беше прво име во редовите на Филаделфија со 34 поени и по 13 скокови и асистенции.
Најдобриот тим во Западната конференција, Голден стејт вориорс немаше достоен ривал во ЛА Лејкерс победувајќи со 108:90. Сите дилеми околу победникот беа решени во првата четвртина која „воините“ ја добија со 39:12. Најрасположен за игра беше Демаркус Казнс со 21 поен и 10 скокови.