Аденовирус покоси десетици деца и зарази илјадници во Индија

Родители на заразени деца од провинцијата живеат во дворови на болници во Колката - Фотографија ЕПА, Пијал Адикари

Деветнаесет деца починале и илјадници се заразени од адеоновирус во индиската држава Западен Бенгал. Повеќе од 3.000 деца со тешки симптоми на грип се згрижени во болница.

Од јануари во оваа држава се пријавени 12.000 случаи на аденовирус, но регионалите власти тврдат дека има многу повеќе заразени деца. Локални медиуми пишуваат дека неофицијално починале повеќе од сто деца.

Аденовирусот може да предизвика воспаление на дишните органи, очите и стомакот. Како првични мерки наметнати се носење маски и одржување растојание, но сѐ уште нема наредба за затворање на училиштата.

Родители на заразени деца од провинцијата живеат во дворови на болници во Колката – Фотографија ЕПА, Пијал Адикари

Педијатриските одделенија на болниците се преполни, а здравствениот систем нема капацитет да ги третира и да ги згрижи сите заразени деца. Во некои места во еден болнички кревет има и по две деца. Замрзнати им се сите отсуства на медицинските лица, а клиниките се отворени преку цел ден. Стотина семејства ги однеле своите болни деца во Колката и престојуваат во шатори во болничкиот двор.

Здравствени експерти тврдат дека за епидемијата во Западен Бенгал се одговорни две мутирани варијанти. Регистрирани се и мал број случаи во соседните држави Махараштра и Карнатака.

– Никогаш немало епидемија на аденовирус со толку голем обем и интензитет – објаснува за „Гардијан“ педијатарот Апурба Гош.

Педијатрите укажуваат дека во изминатите години не било посветувано доволно внимание на здравствената грижа за децата. Општата тревога поради пандемијата на ковид-19 придонесе за целосно опремување на општите амбуланти, но не и детските одделенија.

– Живееме во постковид ера и треба да бидеме подготвени за епидемија од каков било вирус. Годинава тоа е аденовирус, в година може да биде РСВ, можеби грип – вели Прабас Прасун Гири, шеф на одделение за интензивна нега на Институтот за детско здравје во Колката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот