Адеми: Одлучив да продолжам да играм за репрезентацијата на Македонија

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Аријан Адеми за хрватските медиуми изјави дека и во иднина сака да игра за најдобрата македонска репрезентација. Сезонава за Динамо Загреб во најсилниот хрватски шампионат 31-годишниот играч од средниот ред до сега запиша 11 настапи и два голови.

Својот последен натпревар за нашата А селекција го одигра во март минатата година, кога во финалето на плејофот за Светското првенство, по сензационалната победа над Италија (1:0), загубивме од Португалија и останавме без учество во Катар.

После тоа, тој повеќе не беше дел од репрезентацијата, поради неговото здравје, повредите и напорниот ритам на натпреварите, па дури и се шпекулира дека дека Адеми повеќе нема да игра за Македонија.

– Одлучив да продолжам да играм за репрезентацијата. Сакам и можам. Зборував и со селекторот, тој сака да бидам таму и ќе бидам. Тешко ми е да се збогувам, бидејќи групата на луѓе таму е одлична, играме за нашата земја, се пласиравме на последното Европско првенство и сакаме да го повториме тоа. Иако сме во многу тешка група – вели Адеми.

Потсетување дека во квалификациите за пласман на следното ЕП 2024 кои ќе стартуваат во март годинава, избраниците на селекторот Благоја Милевски се наоѓаат во тешка и незгодна група, Англија, Италија, Украина и Малта.

– Свесни сме дека нема да биде лесно, но веќе ја победивме Германија, па Италија и нема од кого да се плашиме. Знам дека Италијанците ќе бидат особено мотивирани против нас, бидејќи ги исфрливме од Светското првенство, но и ние ќе бидеме многу мотивирани, веруваме дека можеме да оствариме нов голем успех – рече Адеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот