Адеми ќе побара детали по тврдењата од родители за различно постапување на невакцинираните деца

Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска изјави дека е е во комуникација со Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и ќе побара информации зошто различно постапувале за исти случаи во врска со наставата на невакцинирани  деца.

Инспекцискиот совет на денешната седница разгледува претставки од родители на деца кои оваа година не биле запишани во прво одделение и кои се незадоволни од постапувањето и тврдат дека за исти случаи просветни инспектори постапувале различно.

Според Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет, претставките даваат наводи дека во минатото некои просветни инспектори за незапишани првачиња се воделе по начелото за забрана на дискриминација на децата, а во изминатите неколку месеци се воделе согласно одредбите на Законот што се однесуваат на вакцинацијата и неопходната потврда за примени вакцини за упис во основно училиште.

Од причина што овие две работи се опфатени со Законот за основно образование, а Инспекцискиот совет, како што рече таа, нема надлежност да го цени спроведувањето на законот или да го толкува, побарале од Министерството за образование и наука да се произнесе во однос на двете прашања, односно дали некој од инспекторите погрешил. Досега, рече Филиповска-Грашкоска, сè уште не добиле одговор, а тој став од МОН им е неопходен.

Гордана Гоџо од Здружението од „Нас за нас”,  кое тврди дека се работи за дискриминација при упис, изјави дека досега се поднесени над 60 претставки од родители до Државниот просветен инспекторат.

Во врска со податоците што од МОН ги бара Инспекцискиот совет како крајна инстанција што го толкува Законот за основно образование, министерот рече дека сите материјали од МОН се достапни.

-Каков било материјал, дали е предвиден за пристап на информации од јавен карактер, секој материјал што произлегува од Министерството за образование и наука е достапен, рече Адеми во изјава за медиумите на Саемот за студии во Франција.

Соопшти дека бројот на незапишани првачиња поради недоставена потврда за примени задолжителни вакцини е 189 и тоа се податоци од ДПИ.  На седница ја запознал Владата за бројот на незапишани деца, а од Министерството за здравство, рече, е известен дека периодот на епидемија на морбили ќе заврши.

-Со Министерството за здравство ја следиме ситуацијата со морбилите која сега е порелаксирана. Во тие училишта каде што има потреба за теренска вакцинација, ќе ја обезбедиме, се со цел да бидат исполнети и обврските од Законот за основно образование, но да се обезбеди и право на образование на секое дете. Како министер за образование и наука, сум заинтересиран секое дете да седи во училишните клупи- истакна Адеми.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот рече и дека е запознат со барањата на Независниот академски синдикат од каде што вчера информираа дека се потребни 400 нови вработувања (300 на УКИМ и сто на другите јавни универзитети и научни установи).

Нагласи дека и за високото образование, како и за основно и средно, се понудени 10 проценти повисоки плати од април, покрај 5 отсто што вработените во високообразовните институции ги добија во септември.

Нова средба со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ќе има утре и очекува, како што рече, низ конструктивен дијалог да се најде заемно прифатливо решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот