Адеми: Европскиот совет во јуни да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите

Арбер Адеми/ Фото: МИА

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, учествуваше на виртуелната конференција на комисиите за европски прашања на ЕУ земјите членки – КОСАК во Лисабон, во рамки на португалското претседателство со ЕУ, при што потсети дека земјата има направено многу во однос на исполнувањето на ЕУ реформите и дека Eвропскиот совет би требало, во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на Преговарачката рамка и одржување на Првата меѓувладина конференција.

Адеми, како што информираат од Комисијата, имал обраќање на Првата сесија посветена на Приоритетите на португалското ЕУ претседателство, заедно со претседателите на Португалскиот парламент Едуардо Фереро Родригез и на Европскиот парламент Давид Мариа Сасоли и португалскиот премиер Антонио Каста.

Во своето обраќање, Адеми и се заблагодарил на Португалија, која како дел од Триото на претседателства, ја продолжи политиката на претходниот претседавач со ЕУ, Германија, во однос на поддршката на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Притоа, тој посебно ја истакнал поддршката и заложбите за спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Во врска со отворените прашања со соседна Бугарија, Адеми истакнал дека предлогот од португалското претседателство со Советот на Европската Унија, за надминување на прашањата со соседна Бугарија, од наша страна, е оценет како добра основа за конечно решение.

Адеми, се вели во соопштението, посочил дека одолговлекувањето на проблемот не е во ничиј интерес, ниту на Северна Македонија, ниту на Бугарија, ниту пак на Европската унија, во смисла на кредибилноста и влијанието што Унијата го има во овој регион.

Во рамки на конференцијата, учесниците се осврнале и на мотото на португалското претседателство „Време е за резултати: Чесно, зелено и дигитално закрепнување”,  но и на другите приоритети и тоа на социјалните права, промоцијата на европскиот социјален модел, еднаквоста на половите и борбата против дискриминацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот