Ацески за Слободен печат: Никакви ТВ-програми нема да ги помират Македонците и Бугарите

Според социологот Илија Ацевски никакви телевизиски програми и зголемената културна размена нема да ги зближи народите повеќе ако Бугарија не ја промени својата официјална политика кон нас. Интересот на Македонците, вели, кон бугарски културни или медиумски содржини бил и ќе остане мал се додека официјална Софија го негира македонскиот идентитет, јазик и историја.

– Едно време се носеа бугарски весници во Македонија, во раните деведесети години и никој не ги купуваше. И сега нема театарски претстави, не читаме бугарски автори, ниту гледаме бугарски серии. Ова чувство што ни го предизивикуваат не го дозволува тоа, јас искрено сега не би гледал бугарска серија и мојот став кон Бугарија е понегативен од порано. Бугарија нам ни нанесува длабоки удари како на луѓе. Кога нивниот Парламент усвојува докумети со кои не негираат, кога го читам ставот на нивната БАН, што да мислам? Затоа сметам дека културата нема да ги зближи и да ги помири народите, туку исклучиво политичарите. Во Македонија ние многу гледаме српска телевизиска програма и тоа не ни пречи, веројатно нема да ни пречи ниту бугарската програма и култура ако не беше бугарската политика – вели професорот Ацески за „Слободен печат“. 

Тој потенцира дека меѓу двете земји има длабоко всадена дистанца која сега само се продлабочила.

– Бугарија е самата виновна. Хипотетички, ако бевме со Бугарија како што бевме со Србија, и Бугарија да се однесуваше со нас исто како Србија, а и Србија не потценуваше обраќајќи ни се со Македонче, бугарското влијание сега ќе беше пет пати поголемо од српското и ќе се чувствувавме многу поблиски со нив отколку сега со Србите. А и реално, како народи со Бугарите сме поблиски по традиција и јазикот ни е сличен. Но, низ времето имаше поголема комуникација помеѓу Македонија и Грција, отколку со Бугарија. Историски, само во времето на бугарскиот претседател Георги Димитров после Втората светска воја имаше нормализација и комуникација, тој дозволи попис на кој се пребројуваа Македонци, учители итн, ама после него настана долготраен прекин на комуникацијата. Ние со Бугарите комунициравме кога одиме таму на одмор и тоа е се. Да зборуваме реално, ние имавме кон нив некој чуден цинизам, факт е дека живеевме многу подобро, а тие кон нас имаа некаква пизма. Потоа после социјализмот државите економски се изедначија, па Бугарија не претркаа. Сега ние чувствуваме отпор кон нив заради нивните бесмислени барања – вели Ацески. 

Деновиве е актуелно прашањето дали може со зголемена размена на култура, филмови, романи или претстави и со зголемено медиумско присуство да се подобрат односите помеѓу Македонија и Бугарија и дали има интерес за такви содржини? Директорот на бугарската национална телевизија Емил Илиев Кошлуков напиша на Фејсбук дека БНТ ќе разменува програми со МРТВ, што беше поздравено од бугарскиот професор Ивајло Дичев како обид на телевизиската дипломатија да се заложи за она што нè обединува.

Пред десетина дена пак, специјалниот претставник на македонската влада во Бугарија Владо Бучковски на средба со бугарски истакнати културни дејци во македонскиот КИЦ во Софија зборувал за потребата да се збогатат културно-уметничките односи меѓу двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот