Ацо Шопов остави вечна инспирација за младите поети

Настанот посветен на Ацо Шопов се одржа во Музејот на македонската борба во Скопје

Општина Центар – Скопје и Францускиот институт во Скопје во текот на Месецот на франкофонијата, на 14 март организираа омаж посветен на поетскиот великан Ацо Шопов по повод стогодишнината од неговото раѓање, а настанот се одржа во конференциската сала на Музејот на македонската борба.

Настанот посветен на ликот и делото на великанот Ацо Шопов го отворија градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија – Н.Е. Сирил Бомгартнер.

Свои излагања на настанот имаа и истакнати македонски писатели, професори и членови на семејството на Ацо Шопов, меѓу кои проф. д-р Веле Смилевски, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Ирина Бабамова и Светлана Шопова, сопруга на Ацо Шопов.

За активностите во рамките на Месецот на франкофонијата, како и за француско-македонските културни и јазични врски зборуваше директорот на Францускиот институт во Скопје, Иго Бештел. Модератор на настанот беше Лидија Неделковска, раководител на одделението за култура на Општина Центар.

Настанот беше реализиран со цел акцентирање на големата вредност на поезијата на Ацо Шопов и неговиот придонес кон континуитетот на македонската литература и култура. Истовремено, со учеството на Францускиот институт во Скопје се прикажа и важноста на неговата преведувачка дејност, преку која Шопов воспоставува трајна поврзаност меѓу македонскиот и францускиот јазик, збогатувајќи ја нашата литература со преводи на литературни дела од други јазици, и уште поважно, проширувајќи ја границата на македонската литература, сместувајќи ја како трајна вредност во литературите на европските земји, како што е француската литература.

Критичка импресија за поезијата на Ацо Шопов во сите негови творечки фази даде поетот Веле Смилевски, кој досега има објавено повеќе книги на оваа тематика, а последниот број на списанието „Синтези“ е целосно посветено на Ацо Шопов. За космополитската аура на Шопов, поврзувајќи ги поетското и дипломатското дејствување, зборуваше Соња Стојменска-Елзесер од Институтот за македонска литература.

Професорката Весна Мојсова-Чепишевска во своето излагање се задржа на два престои на Шопов во Париз, кои биле клучни за понатамошните македонско-француски врски. Посебното место на преводите и препевите на поезијата на сенегалскиот претседател и поет Леополд Седар Сенгор, кои ги направил Ацо Шопов, го посочи професорката Ирина Бабамова од Катедрата за романски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Светлана Шопова, сопругата на Ацо Шопов, зборуваше за него како сопруг, брат и татко, за животот со него и животот без него, но и за поетското наследство што им го остави на младите генерации.

Поетски рецитал со песни од Ацо Шопов на македонски и на француски јазик имаа ученици од ООУ „Димитар Миладинов“ од Скопје и од Филолошкиот факултет при УКИМ.

Настанот беше затворен со настап на пијано на Петра Митровиќ – стипендист на Општина Центар од областа на културата, која има освоено единаесет први места на светски натпревари и одржано солистички концерти во катедралата Нотр Дам во Париз и во концертната сала „Карнеги хол“ во Њујорк.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот