Аболицијата за 27 април во правно-политички расчекор

Правните експерти не можат да ги расчистат дилемите околу тоа дали претседателот на државата Ѓорге Иванов има право да ги аболицира шеснаесетмината осудени лица за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, кои и официјално го побараа тоа од него. Според едното толкување, членот 11 од Законот за помилување, според кој Иванов може да даде аболиција без за тоа да добие зелено светло од Министерството за правда, е укинат и не постои, односно тој го нема правото самостојно да одлучува по ова прашање.

Според другото толкување, овој член се уште е на сила, поради што Иванов може, доколку реши, да ги прифати барањата за аболиција кои до неговиот кабинет ги поднесоа осудените и нивните роднини.

Законот за помилување е донесен во 1993 година, a членот 11 гласи:

„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“.

Во 2009 година се носат Измени и дополнувања за Законот за помилување, со кои членот 11 се брише, односно претседателот на државата го губи правото самостојно да одлучува по овие прашања.

Во 2016 година уставноста на овие законските измени ја испитува Уставниот суд и носи одлука со која се укинува Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Со ова, како што објаснуваат дел од правните експерти, практично се враќа на сила Законот за помилување од 1993 година, со кој членот 11 е на сила. Но сепак, за оваа одлука гласале само судиите кои важеа за блиски до тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Четворица судии, пак, подготвиле издвоено мислење затоа што не се согласувале со одлуката на мнозинството.

Во ова мислење на не толку директен начин тие кажуваат дека укинувањата на измените се прават со цел да му се овозможи на Иванов да делува политички, односно како што тој ќе реши, што и резултираше со помилување на голема група на функционери за кои истраги водеше Специјалното јавно обвинителство во 2016 година.

Во 2016 година се носат уште едни измени на Законот за помилување со кој после членот 11 се додава член 11 а, со кој Претседателот на Републиката може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување. Ова практично беше направено за да може Иванов да повлече дел од помилувањата што ги даде на функционерите за кои истраги водеше Специјалното јавно обвинителство. Со овие измени лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување, а претседателот е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука. И ова се случи за некои од помилуваните.

Поранешни и актуелни уставни судии кои сакаат да останат анонимни велат дека не може да се бара правна логика, бидејќи одлуките и законите се носеле под политички притисок.

– Не може членот 11 од 2009 до 2016 година да не е во сила во правниот поредок, а потоа повторно да воскресне. Собранието креира закони, не Уставниот суд – коментираат правни експерти.

Спорно е и тоа што аболицијата не може да се даде за одреден настан, како што во случајот е „крвавиот четврток“, бидејќи за тоа се дава амнестија, која пак е во надлежност на Собранието.

Од Уставниот суд не даваат прецизен одговор на прашањето дали членот 11 е во сила или не. Но сепак, ако Иванов реши да донесе одлука за аболиција, таа веројатно ќе биде оспорена пред Уставниот суд, по што тој ќе мора да заземе став.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот