Абазовиќ: Ќе направам сè за да не постојат „две Црни Гори”

Дритан Абазовиќ/ Фото: ЕПА

Новата влада на Црна Гора мора да има 7-8 јасни задачи, меѓу кои најважни се деблокирањето на европскиот пат и подготовките за новата туристичка сезона, вели потпретседателот на црногорската влада Дритан Абазовиќ во интервју за Дојче веле..

– Црногорското општество се уште е поларизирано, оцени Абазовиќ, вицепремиер во техничкиот мандат и веројатно иден мандатар за новата влада.

Според неговата желба, Црна Гора треба да биде целосно подготвена за пристапување во Европската унија до 2025 година.

Абазовиќ оценува дека во 14-те месеци од владата на Здравко Кривокапиќ се иницирани многу позитивни работи како борбата против организираниот криминал и корупцијата и дека во тој дел се постигнати конкретни резултати. Тој нагласува дека промените во јавната администрација се постепен процес и тврди дека веќе се појавил „нов бран на луѓе”.

 – Тука сме да покажеме дека е можна социјална кохезија, рече Абазовиќ, нагласувајќи дека ќе направи сè за да не постојат „две Црни Гори”.

Тој порача дека новата влада на Црна Гора мора да има од седум до осум јасни задачи, меѓу кои најважни се деблокирањето на европскиот пат и подготовките за новата туристичка сезона.

Според Абазовиќ, овие задачи се многу специфични, јасно диференцирани и решливи, особено ако Црна Гора „победи во позитивна смисла”, стане единствена и решава работи што се во интерес на огромното мнозинство граѓани.

– Минатата влада немаше поддршка од функционален парламент и функционално парламентарно мнозинство. Тоа сега треба да се одблокира. Но, не со одржување нови избори без изборни реформи, рече Абазовиќ.

Тој истакна дека е крајно време да се излезе од, како што наведе, примитивната перцепција на политичката реалност.

Коментирајќи ги обвинувањата дека работи за некои странски фактори, како Србија и слично, рече дека тоа е реторика на оние кои сакаат поделба на Црна Гора. Абазовиќ додаде дека себеси се гледа како политичар кој „излегол од матрицата”. – Ја поразивме Демократската партија на социјалистите (ДПС) на 30 август и мора да ги изградиме институциите на системот, потенцира Абазовиќ. Според него, ДПС го „копирала” начинот на владеење во многу институции и фирми, што сега треба да се надмине.

Абазовиќ рече дека ставовите дека Црногорците и Србите не можат да функционираат заедно во државата се дел од матрицата.

– Стојам зад тезата дека корупцијата и организираниот криминал стојат зад секој национализам на Балканот, истакна Абазовиќ во интервјуто за Дојче веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот