Абас: Лидерот на Хамас е убиен само за да продолжи војната во Газа
Нема сомневања дека целта на атентатот врз господинот Ханије е да се продолжи и да се прошири војната. Тоа ќе има негативни последици врз преговорите за да запре агресијата и да се повлечат израелските трупи од Газа, изјави Абас за руската агенција РИА новости
Палестинскиот претседател Махмуд Абас тврди дека продолжувањето на војната во Газа е главната цел на убиството на неговиот политички противник, Исмаил Ханије.
Лидерот на Хамас живееше во егзил во Катар, но беше убиен со проектил додека беше во посета на Техеран, со што беше извршен огромен притисок врз Иран да се одмазди и да ја прошири војната што Израел ја води со Хамас и со проиранското движење Хезболах во Либан.
Како врховен политички лидер на Хамас, Ханије имаше клучна улога во очекуваните преговори за крај на израелската воена операција и за иднината на Газа. Без него, уништени се сите посреднички напори на Египет, Катар и другите мировни иницијативи за ослободување на Израелците грабнати од Хамас, за повлекување на израелските сили од Газа и за крај на судирите воопшто.
Абас, кој е претседател на Палестинските власти, но чија партија Фатах практично го контролира само Западниот Брег, го нарече убиството на Ханије „кукавички акт“ и „опасен развој во израелската политика“.
– Нема сомневања дека целта на атентатот врз господинот Ханије е да се продолжи и да се прошири војната. Тоа ќе има негативни последици врз преговорите за да запре агресијата и да се повлечат израелските трупи од Газа – изјави Абас за руската агенција РИА новости, спроти својата посета на Москва на почетокот на идната недела.
Иднината на Газа
Посетата од 12 до 14 август се толкува како обид да се вклучи Русија поактивно во мировните напори, особено за воспоставувањето на власт на Палестинските територии кога ќе се повлечат израелските трупи од Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху упорно тврди дека воената операција нема да запре сѐ додека Хамас не биде уништен, а воедно инсистира дека долго потоа, веројатно со години, израелски формации треба да останат распоредени на позиции во Газа за да гарантираат дека палестинскиот појас нема повеќе да претставува опасност за израелските граѓани.
Меѓународната заедница, регионалните земји, а особено САД како главен сојузник на Израел, се против идејата за нова окупација. Тие се согласуваат Хамас да ја предаде власта и да бидат формирана преодна влада, под строга меѓународна контрола и покровителство, сѐ додека не бидат одржани нови избори. Абас бара неговата администрација барем привремено да ја преземе контролата врз Газа. Движењата на Абас и на Ханије пред 17 години почнаа војна откако Фатах одби да ги прифати резултатите од изборите на кои победи Хамас. Во војната загинаа близу 500 вооружени лица и цивили, а Хамас целосно ја презеде контролата врз Газа.
– Појасот Газа мора да биде префрлен под контрола на легитимните палестински власти. Газа мора да биде управувана под покровителство на Палестинската ослободителна организација и на легитимната палестинска влада. Силно се спротивставуваме на израелските планови кои предвидуваат некои привремени решенија – изјави палестинскиот претседател за руската агенција.
Координирање со Кремљ
Абас најави дека со рускиот претседател Владимир Путин ќе разговара за мировниот процес во регионот и за „координирање на позициите“.
– Главната цел на нашата посета ќе бидат консултации и размена на погледи на најновите настани во палестинската и меѓународната арена, координирање на позицијата и зајакнување на билатералните односи во сите сфери – изјави Абас за РИА новости.
Москва е воздржана во обидите да посредува за крај на војната во Газа и цврсто е на ставот дека мирот е можен само врз меѓународно прифатениот принцип на „две држави“. Но, Русија има големо влијание врз властите во Техеран, кои објавија дека „имаат обврска да се одмаздат“ за убиството на Ханије додека Иран му укажал гостопримство.
Сергеј Шојгу, доскорешниот министер за одбрана, а сега претседавач на националниот Совет за безбедност, завчера во Техеран разговараше со новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан, кој изразил решеност „да ги прошири врските со стратегискиот партнер“ Русија.
Стравувајќи од одмазнички напади на Иран или на движењето Хезболах врз Израел, многу земји ги повикаа своите државјани итно да ја напуштат територијата на Либан.
Никој нема полза од војна
Вашингтон, пак, директно и преку сите други земји со дипломатски канали до Техеран го повикуваат иранското раководство да се воздржи од одмазда, бидејќи „проширувањето на војната не е во интерес на Исламската Република“. Државниот секретар Ентони Блинкен оцени дека деновиве се „критичен момент за регионот“. Тој додаде дека Стејт департментот преку дипломатите деноноќно настојува да ги смири тензиите.
– Сите страни мора да се воздржат од ескалација. Сите страни мора да направат чекори за смирување на тензиите. Ескалацијата не е во ничиј интерес. Таа само ќе води до поголем конфликт, повеќе насилство, повеќе несигурност – изјави Блинкен по средба со својот австралиски колега во Вашингтон.
Државниот секретар во понеделникот разговарал со катарскиот премиер Шеих Мохамед бин Абдулрахман ал Тани и со шефот на египетската дипломатија Бадр Абделати, кои се главните регионални посредници во мировниот процес.
Белата куќа објави дека претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис, која е кандидат да го наследи, се темелно информирани за ситуацијата на Блискиот Исток, особено за заканите од Иран и од проиранските движења врз Израел и врз американските војници и цивили. Тие завчера биле брифирани и за нападот врз американските трупи во воздухопловната база „Асад“ во Ирак во понеделникот, за да одредат каков треба да биде одговорот на САД.
Анонимен функционер запознаен со брифингот изјавил за Ројтерс дека советниците за национална безбедност ги известиле Бајден и Харис дека „сѐ уште не е јасно кога Иран и Хезболах би ги почнале одмазничките акции против Израел и каков би бил нападот.