АА ќе добие вицепремиер и министри за правда и здравство, директори на Царина, УЈП и Финансиска полиција?

Кадри на Алијанса за Албанците, според договореното меѓу Арбен Таравари и Димитар Ковачевски, ќе раководат со две министерства, а партијата ќе добие и вицепремиерска позиција во Владата, две заменички места во министерства, како и неколку важни директорски позиции, објави ТВ21, повикувајќи се на извори во АА.
На партијата, според овие извори, ќе ѝ припаднат Министерствата за здравство и правда, вицепремиерска позиција, заменичките места во министерствата за земјоделие и одбрана, како и челните функции во Царинската управа, Управата за јавни приходи и Финансиската полиција. Ова, заедно со дефинитивната потврда дека АА влегува во власта, ќе биде објавено утре, велат изворите од АА за телевизијата.
Премиерот Ковачевски денеска изјави дека разговорите меѓу Алијансата и СДСМ се одвиваат „во добар дух и во атмосфера насочена кон постигнување договор“. Тој додаде дека целта на влегувањето на АА во Владата е „да се формира мнозинство кое има јасен став околу европската иднина на земјава“. Ковачевски негираше дека имало проблеми во преговорите за некој ресор.
Лидерот на АА, Арбен Таравари, рече дека финализирањето на договорот се очекува да се случи најдоцна до утре. Тој смета дека е некоректно да зборува јавно за ресорите што ги добил, сѐ додека не се осигураат целосно околу распределбата.
„Верувам дека денеска или утре договорот ќе биде конечно финализиран и тогаш официјално ќе го објавиме, и Владата, и Алијанса за Албанците. Мислам дека договорот треба да биде целосно завршен за потоа да го презентираме. Сметам дека би било некоректно да кажеме нешто, а утре да се промени. Така што, кога целосно ќе биде готов договорот, ќе го изнесеме пред граѓаните“, изјави Таравари.
Во меѓувреме, Алтернатива, која на сличен начин стана дел од власта лани, раскинувајќи ја коалицијата токму со Алијансата за Албанците, сѐ уште нема одлучено дали ќе остане во Владата или ќе се повлече од мнозинството, поради, како што велат, непочитување на договорот. Партијата на Африм Гаши го чека конечниот договор меѓу Таравари и Ковачевски, за потоа да донесе одлука.