А1 Македонија: Дигитализацијата ќе биде од големо значење за бизнис секторот

фото: Слободен печат

На тема „Дигитализирај го твојот бизнис: Обликувај ја иднината! Европските искуства во Македонија“, денес А1 Македонија беше домаќин на А1 Дигитална конференција 2019, на која бизнис-заедницата имаше можност да ги слушне најновите трендови во дигиталната индустрија и понудата на А1 во дигитални и ИКТ-решенија.

Како домаќин на настанот, конференцијата ја отвори извршниот директор на А1 Македонија, Мислав Галер, кој уште еднаш ја потенцираше визијата на А1 Македонија да биде партнер во дигитализацијата на македонското општество и да го поттикне дигиталниот начин на живеење.

фото: Слободен печат

– Ние сме многу задоволни што сме домаќини на оваа конференција и како што кажавме во процесот на нашето ребрендирање, ние сме тука да им помогнеме на нашите клиенти и да го дигитализираме македонскиот пазар. Многу сум задоволен што тука ја имаме нашата „сестрнска компанија“ – А1 Дигитал која ќе ни помогне низ овој процес. Всушност ова е еден од првите чекори кој ние ќе го превземеме и ќе го имплементираме преку вистински примери од европските пазари, а тие ќе ни помогнат за трансформација на бизнисите и ние сме задоволни што токму со ова започнуваме тука да дејствуваме – изјави за медиумите, извршниот директор на А1 Македонија, Мислав Галер.

На новинарско прашање, што ќе значи дигитализацијата на бизнисот и како ќе им го олесни начинот на работа на бизнисмените, тој одговори:

– Тоа значи неопходна промена. Дека тие ќе мораат да направат промени и колку поскоро ќе го направат тоа, тие ќе бидат еден чекор понапред од конкуренцијата. Во принцип постојат низа платформи за промена на моделите за работа, за што се говори во бизнис-круговите кои им помагаат да бидат поконкурентни и да се промени системот за функционирање.

Гости говорници на оваа конференција беа врвните експерти од А1 Дигитал од Австрија, д-р Елизабета Кастаљони, генерален директор на А1 Дигитал, која се осврна на историјата и услугите на компанијата; Францис Цеперо, директор на вертикални решенија на пазарот, кој зборуваше на тема како да се изградат поврзани производи; Матијас Нобауер, директор на „клауд“ и ИТ-услуги, кој го претстави Егзоскејл (Exoscale) – „клауд-решението“ на А1 Дигитал, и Александар Прол, раководител на одделот за комерцијален менаџмент во областа на безбедноста, кој ги претстави успешните приказни за „клауд-решенијата“ и решенијата за безбедност, како и домашните, Иво Пауновски, раководител на одделот за ИКТ и партнерство, кој зборуваше за програмата „Клауд Маркет Плејс“ („Cloud Market Place“), и Јана Дурнева, која како менаџер за дигитална трансформација го модерираше настанот.

Д-р Елизабета Кастаљони, генерален директор на А1 Дигитал, која инаку има долгогодишно искуство на високи меѓународни раководни позиции во технологијата, медиумите и телекомуникациските индустрии, пред присутните ги претстави услугите и продуктите што ги нуди А1 Дигитал, но даде осврт и на А1 Дигитал како компанија што опслужува приближно 930 мали и средни бизниси во имплементацијата на специфични решенија за нивните индустрии на повеќе од 12 пазари ширум светот.

– Многу сум среќна што сум тука и што можам да работам со А1 Македонија, поточно да го пренесам моето знаење. Ова е во врска со унија на различни интернационални компании, со различни експертизи и од различни земји со што им се помага на бизнис-клиентите да бидат поуспешни, како да се водат низ дигиталната трансформација и како да работат со локалните огранизации, а ние сме тука да ги добијат тие бенефиции. Дигиталната трансфорамација е нешто што се случува во светот, па затоа има големи можности за сите клиенти, како во Македонија, не само на локалниот пазар, туку и на светските пазари за да бидат поврзани со клиентите и да бидат во можност да пронајдат нови – потенцираше генералниот директор на А1 Дигитал, д-р Елизабета Кастељони.

Во рамките на конференцијата беа организирани и посебни презентации на проекти во доменот на „вештачка интелигенција“, „интернет на нештата“ и слично, на кои посетителите имаа можност одблизу да се запознаат со работата на А1 Дигитал и софистицираните решенија и дигитални технологии што ги нуди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот