А зошто воопшто Катица?

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

Ете, и тоа го дочекавме – „падна“ Катица Јанева! Симболот, каков таков, на борбата на македонскиот народ – каков таков – за правна држава – се струполи! Главата на вонредната институција, воспоставена со големи политички и дипломатски напори, внатрешни и надворешни – се стркала! Институционалниот механизам, дизајниран за да ги премости, надомести па и да ги ресторира, ако сакате, длабоко искомпромитираните македонски правосудни инстанци – и самиот се искомпромитира! Правниот лек за македонските институционални болести, кои дозволија до лудило да метастазира едно политичко самоволие, се покажа – отровен. Македонската Моника Маковеј, домашната карикатура на Елиот Нес, една од нашите самоделски верзии на „Чарлиевите ангел(к)и“ – падна со тресок достоен на библискиот пад на Принцот на темнината.

Засега падна само во притвор, технички уште „невина“ – Катица Јанева толку силно тресна, што дури ни презумпцијата на невиност во нејзиниот случај не остана неповредена. Стана виновна со самото тоа што е таму – во истражниот затвор во Шутка, зашто заедно со неа „притворени“ се и надежите на една голема категорија македонски граѓани (и граѓанки) кои во нејзината работа гледаа светла точка на крајот од тунелот, излез од македонската општествена агонија и беззаконие.

Како да се соочиме со грдотијата на овој епски, шекспировски пресврт, а да ја сочуваме надежта, здравиот разум, вербата, во правдата, во општеството, во човековата природа вопшто? Онаа што сме ја избрале (ние или некој?) да се бори против врвното зло – највисокиот криминал и корупција – и самиот подлегнал, се инфицирал од тоа зло! Од банална слабост, кон, да речеме, стилскиот мебел? Тоа сознание, колку што е прозаично, толку повеќе е разорно.

Последиците на ова фијаско ќе бидат далекусежни, долгорочни и длабоки. Без оглед дали аферата „Рекет“ ќе запре тука, или ќе зафати уште некоја политичка фигура (велат Катица може да пропее), политичката цена за овој немил развој на настаните ќе биде голема. А неа ќе ја платат СДСМ и Зоран Заев, зашто СЈО е круцијален дел од нивниот политички хабитус – лајт мотив на нивното доаѓање на власт и главен извор на нивниот кредибилитет.

Тешко е начнат и угледот на Македонија надвор. По избивањето на аферата како да секнаа бројните изјави дека „Норт Мацедонија“ е светлиот пример на Балканот, инспирација за другите соседи и така натаму. Перцепцијата на Македонија како земја која со тешки и храбри компромиси успеа да реши децениски спорови, опасно е засенета со единствената слика за Македонија како легло на висока, и тоа многу висока корупција, во која се заглибени и самите борци против корупцијата. И тоа со износи од кои и на бриселските бирократи им се врти во главата.

Нашите пријатели од надвор сега може само да се тешат, и себе и нас, дека во Северна Македонија се води „бескомпромисна“ борба со корупцијата, во која „никој не е поштеден“, па дури ни јавниот обвинител, поставен да се бори со истата таа корупција, види незгодно – токму со нивна помош! Сосема шизофрено и мазохистички. Да биде иронијата поголема, оваа срамота може да биде, а верувам ќе биде, спинувана како „показател“ дека правната држава се враќа, доказ дека оговорноста и отчетноста се воспоставуваат, и тоа неселективно! И тоа ќе биде аргумент плус на Македонија да и се даде датум за почеток на преговори за членство во ЕУ! Немаме против! Ова е време на ПИАР, се може да се гледа од која сакаш страна, само ако постои политичка волја за тоа! Тоа е како лекар кога ќе ви каже дека херпесот што ви избил на цело лице, и ве прави да изгледате како Франкештај, е всушност „знак“ дека организмот се чисти од внатре и е доказ дека оздравувате! Добро, како ќе кажете.

Оние што размислуваат „дијалектички“ ќе не потсетат дека причините за „Падот на Катица“ се содржани во самата генеза на нејзиното создавање. Да се послужам со бруталниот речник на еден од ликовите на нашиот драгоцен Горан Стефановски („Хај Фај“) „Нозете смрдат зашто коренот им е во газот“. Падот на Ката е предестиниран во начинот на кој таа беше создадена.

Која беше Катица Јанева, пред да биде „црпната“ по мистериозните канали на задкулисните пред се странски политички игри, буквално инструирана и наметната во Пржинските преговори? Таа практично не постоеше, беше целосно непознатата гевгелиска обвинителка. Туркана цел живот со протекции, по семинари, едвај дипломирана со шестки. Никој не се сеќава дека се истакнала со некоја животна битка за правдина. Немаме никакви показатели за нејзината доблест претходно, за да можеме да се разочараме од нејзината слабоост сегашна, кон, да речеме стилскиот мебел, масажи, лежалки во Грција… Не, не е Катица нашиот Робеспјер, кој ги изневерил идеалите од младоста. Таа немала идеали за да ги изневери, само нам ни се дадени лажни очекувања. Со самото тоа што некој доволно моќен ја изгигна на таква позиција и ни ја сервираше како решение.

Оваа хаварија треба да оди директно на совеста и на душата на оние што мислат дека во политиката „и магара да врзиш“ на некоја функција ќе врши работа, само ако има доволно силна политичка поддршка. Така се резонира со години во нашата политика, а очигледно така функционираат и странците. Од кал да е ама да е „наш“, односно „нивен“. Не сфаќаат дека кога некој е од кал, кога тогаш ќе те направи бербат. Иако промоторите и предлагачите на Катица и натаму се во длабока сенка, и не можеме да видиме дали и колку се избербатени, овој пад на Катица Јанева е всушност нивен срам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот