А зошто Сталоне би тепал поп?

Фото: Слободен печат

Се сеќавам дека одев во второ одделение и дека моите родители ме извадија од настава за да ме одведат на контрола во клиниката за белодробни заболувања за деца во Козле.

Не ми текнува на деталите, но сигурно контролата поминала добро, па мајка ми на татко ми му даде инструкции откако ќе ја остави нејзе на работа, мене да ме врати во школо. Но, тато имаше поинакви планови.

Наместо во школо извадивме карти за „Рамбо“, откако претходно ветив дека нема да ѝ кажам на мама, па влеговме во кино „Вардар“ на првиот филм од франшизата за разочараниот ветеран од виетнамската војна – Џон Рамбо, кој скита по американските градови и си ја гледа својата работа. Но, минувајќи низ едно мало и по дефиниција ксенофобично населено место, Рамбо го пресретнува локалниот шериф, кој по секоја цена сака да го избрка од неговиот град. Тоа предизвика неверојатен, но многу интересен сплет на околности, па Рамбо успева да избега од полициската станица и да се одметне во планинскиот предел во непосредна близина на градот. Полицајците попусто се обидуваат да го уапсат, па по нив тргнуваат и од Националната гарда, но никој не му може баш ништо на поранешниот припадник на единицата зелени беретки.

Рамбо прво се приспособува на околината, обезбедува храна, вода и живеалиште, а потоа го обезбедува местото со смртоносни стапици, оневозможувајќи ги гонителите да го изненадат. Слично е и во останатите продолженија од „Рамбо“, а ги има вкупно пет. Тој тепа, убива стотици полицајци, гардисти, виетконци, руски војници, мафијаши од мексикански картел, но интересно, во ниту едно од продолженијата Рамбо не тепа поп. Ниту во другите филмови на Силвестер Сталоне не е претепано или убиено свештено лице. Си мотам низ главата дали тоа се случи во „Роки“. Не, туку имаше една сцена од вториот дел кога заминувајќи на реваншот со Аполо Крид, Роки Балбоа го замолува локалниот свештеник да го благослови. Тепање на свештени лица немаше ниту во „Оскар“, „Човек на карпа“, „Судијата Дред“ и ниту во еден друг филм каде Силвестер Сталоне е во главна улога. Значи може да заклучиме дека Сталоне едноставно не тепа попови. Ако одиме до крај тогаш може да констатираме дека ниту еден поп не „настрада“, во порно сцената во која истиот глумец се појави на почетокот од својата кариера. Затоа и ме изненади изјавата на Миле Јовановски, познат како татко на Бојан Јовановски, попознат како Боки 13. Значи Миле, кој е обвинет дека го претепал попот Виктор Стојчев, по одржувањето на првото судско рочиште на новинарите им ја кажа својата верзија на вистината.

– Јас, Силвестер Сталоне ли сум да го истепам за една минута – запраша Миле.

Значи веќе нема дилема дека Сталоне, кој во своите филмови претепуваше и убиваше на ангро, ниту еднаш, ама баш ниту еднаш нема претепано поп за помалку од една минута. Тој нема претепано никаков свештеник ни за повеќе од една минута, да бидеме на чисто.

Е сега откако го одбранивме ликот и делото на Сталоне, да појаснам дека е возможно да се претепа човек за помалку од една минута, а притоа да не се биде Сталоне. Во зависност од волуменот на човекот, во конретниот случај попот Виктор Стојчев, и во зависност од тоа дали опонентот пружа отпор. Доколку поп Виктор е габаритен афроамериканец, со 120 килограми мускули на своето тело, тогаш, а ова е проверен факт, на Роки би му биле потребни две борби по 15 рунди и буџети за два блокбастера за да го победи. Доколку е според димензиите на просечен северновиетнамски војник од 55 килограми, тогаш ќе трае колку и една сцена од три секунди.

Не треба да се биде Сталоне, за да некој некого претепа за помалку од една минута. Човек треба да го сочува достоинството, па кога пред себе ќе има поп или уште побитно сопруг во присуство на сопругата и двете малолетни деца, да не пристапи кон физичко насилство.

Ќе завршам со цитат од „Рамбо“, од оргиналниот дел, оној што го гледав додека моите врсници беа на школо.

– Старците ја започнаа војната, младите војуваа во војната. Никој не победи, а сите изгинаа. На крајот никој не ја кажува вистината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот