А, веќе помисливме дека најлошото помина!

Се покажа дека најнепредвидливи се – предвидувањата дека економската ренесанса ќе ги растера црните облаци над македонската економија. И сега сме одново на почетокот.

Кризата, од која бегавме со години, лани одново удри со сета жестина, а годинава веќе ги пукна розовите балони за надеж  дека помина најлошото. Се покажа дека најнепредвидливи се – предвидувањата дека економската ренесанса ќе ги растера црните облаци над македонската економија во 2021-та. Но, како и во онаа народната за есапот без крчмар, по кој знае кој пат се покажа дека не сме во право. И сега сме одново на почетокот. Судејќи според ова што ни случува, вистинските размери на кризата се далеку поголеми и понепредвидливи.

А веќе мислевме дека најлошото помина! Некои научници со право истакнуваат дека оваа здравствена криза е вистински Чернобил за економијата. Неговите коцентрични кругови се шират. Глобализација. Се сетивте ли сега на овој збор кој последниве неколку години го употребуваме почесто од „добро утро“ или „благодарам“. Е, па, глобализацијата ги рашири пипалата на кризата и ни ја донесе како подарок. И тоа онака, распакуван.

Кога е криза, прво се крати на луксузот, а ако и тоа не помогне, тогаш се откажувате и од секојдневните работи. Веќе не купувате скапи производи, не трошите пари за автомобили, трајни добра, нова облека и се откажувате од ширење на бизнисот и вложувањата. Кога е криза, гледате да се спасите прво себеси. Во криза сите седат мадро – инвеститори, фабриканти, шпекуланти. Затоа, сè повеќе ќе читаме дека овој или оној се предомислува, па го одложува доаѓањето (читај: инвестирањето) за некои подобри времиња.

Намалувањето на потрошувачката и вложувањата во покрупни инвестиции е директна последица на стравот од губење на работните места и неможноста да се враќаат кредитите што би се користеле за таа намена. Дотогаш, да ги конзервираме машините и добро да ги испрскаме со машинско масло за да не ’рѓосаат, во исчекување на подобрите времиња. Тоа веќе се случува во текстилната бранша, каде што секојдневно почнаа да се делат откази.

А, веќе мислевме дека најлошото помина! Но, се покажа дека и македонската економија не е имуна на светските трендови. Страшно е кога ќе прочитате дека повеќе милиони луѓе останале без работа, но кога ќе слушнете дека кај нас се отпуштаат неколку илјади, тоа е рамно на катастрофа. Како и да не е, кога семејствата со повеќе вработени во Македонија се реткост.

Експертите се согласни дека „економската болка“ минува низ неколку бранови. Првиот почна лани. Го почувствувавме преку непланираниот застој, кога економската активност запре речиси преку ноќ. Неколку недели пред ланскиот март, луѓето одеа на работа, седеа по кафеани, одеа по банките да си ги платат обврските, резервираа патувања и одмори. Луѓето се засолнија во своите домови, се пасивизираа. Во вториот бран, кога запре сè, луѓето постепено остануваа без работа. Најстрашен е третиот бран, кога сите што остануваат без приходи или им се заканува бркање од работа, почнуваат да паничат и тоа не само од пандемијата, туку и за својата иднина. Четвртиот бран ги зафаќа компаниите, кои почнаа да ги одложуваат или да ги откажуваат своите инвестициски планови, а тоа ќе го парализира економскиот мотор.

Водечките економисти предлагаат да се извади „тешката артилерија“ против економската катастрофа. Но и државата нема веќе пари за фрлање. Напротив, се воведуваат даноци и се казнува секоја грешка. Особено е неизвесно колку сето ова ќе трае, за да се извлечеме со што помалку последици. А, веќе помисливме дека најлошото помина!

Видео на денот