А ние будали името го сменивме – Слободен печат
Колумни

А ние будали името го сменивме

„Решете вие тоа со името и наши сте“, вака некако завршуваа сите посети на комесарите и амбасадорите испратени од Европската комисија, а ние на крајот и ги послушавме.

Не знам дали ќе го добиеме датумот за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија, но тоа воопшто не е ниту битно. Битно ние го сменивме државното име, на Македонија ѝ додадовме „Северна“, го затворивме деценискиот спор со Грција и спремно побаравме членство во ЕУ и НАТО. Но, тоа не било доволно.

Францускиот претседател Емануел Макрон е категоричен кога вели дека датум за Македонија и Албанија нема да има. За нашата земја тој и не кажа ништо лошо, примедбите му беа главно за Албанија, но ја кажа вистината за која сите молчат. А тоа е дека Европа не е подготвена за Македонија. На ЕУ ѝ се потребни реформи, на ЕУ ѝ треба реогранизација и консолидација. На истата платформа и француските гласачи му го доверија мандадот на Макрон, кој уште по првото прогласување на гласовите, вети дека ќе се залага за реформи во Унијата и ќе се противи на проширувањето.

Ние го знаевме тоа. Можеби не сите, но тие што требаше да го знаат, го знаеа. Но и покрај тоа продолжија да им веруваат на Хан и Могерини и сличните на нив бриселски емисари, кои ветуваат со децении дека единствениот, ќе повторам единствениот услов за земјава за влез во ЕУ е нерешениот спор со Грција. „Решете вие тоа со името и наши сте“, вака некако завршуваа сите посети на комесарите и амбасадорите испратени од Европската комисија, а ние на крајот и ги послушавме.

Решение за спорот се најде. За некого понижувачко, а за други лошо, но прифатено како нужно зло. Преспа по Охрид стана второто македонско езеро, кое покрај своите природни убавини ќе влезе во аналите и по еден договор, кој од темел ги редефинира внатрешните и меѓународните односи на државата. Тие односи на виделина излегоа веќе за референдумот кој не успеа. Не успеа делумно и поради тоа што немаше попис, а попис нема за да не пропадне коалицијата СДСМ-ДУИ. И тогаш се пронајде фамозно решение, Договорот од Преспа да биде изгласан во парламентот со двотретинско мнозинство, кое беше обезбедено со пуштањето од притвор на Крсто Мукоски и ненадејното европеизирање на неколку пратеници од ВМРО-ДМПНЕ предводени од поранешната министерска за култура Елизабета Канчевска Милевска. Крсто од терорист стана „отворач“ на нашите евроатлански перспективи, а фирмата на неговиот брат интересно доби два „мрсни“ тендери од државата.

Кога се правеа овие натегања околу двотретинското мнозинство во парламентот, во европските медиуми пишуваа за тоа, критикувајќи ги постапките на нашата влада. Но, тоа не им влијаеше на Хан, Могерини и целокупниот Брисел да ни честита на храброста. Честитки доаѓаа со денови и од сите страни, а премиерот Зоран Заев во комбинација Алексис Ципрас беше предложен и за Нобеловата награда за мир. Навистина не знам дали и случајот „Рекет“ има врска со нашата тенденција да станеме полноправни членки на ЕУ и НАТО, но доколку се гледа низ призмата на Крсто Мукоски, тогаш Боки, Катица и Кичеец работеле баш европски.

Европската Унија има егзистенцијални проблеми кои мора да ги реши, а ако не ги реши ќе престане да постои. Доколку на нас и ни успее да влеземе во ЕУ, може да ни изгледа како да сме влегле во СФР Југославија некаде на крајот од летото во 1990 година. Веднаш по Светското првенство во фудбал. И да повторам, ние будали името го сменивме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close