А да ја одмориме кокошката и да се зафатиме со јајцето? – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

А да ја одмориме кокошката и да се зафатиме со јајцето?

Начинот на кој темелно се искорумпира судството во изминатите три децении, со виртуозната мортална завршница во времето на владеењето на Груевски, беше неопходен процес за да се спроведе редистрибуцијата на моќта, а со тоа и на капиталот во државата. Според тоа, нашиот примарен проблем е во тоа како, во политиката, се стекнува и како се дистрибуира моќта, па дури потоа како се раздава правдата во државата...

Дента кога македонскиот претседател и германскиот министер за надворешни работи одржаа заедничка дебата на тема „Тековните состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“, познатата екипа политиканти, преоблечени во неколку судски тоги на Уставниот суд на земјава, направија уште еден обид да се стават клипови во тркалата на таа иста правна држава и, со уставна интервенција, практично, да ги поништат половината од судските процеси кои се одвиваат под „капата“ на прерано починатото, а веќе и од сите здружено прежалено, СЈО.

Значи, немал германскиот министер Хајко Мас што да прави вчера во Берлин, така, се ландарал по топлинки дома, па си рекол, ај да седнам на авион и да отидам да ги тешам овие во Скопје, оти останаа без ветениот датум за преговори, ама и учтиво да им кажам – со или без датум – дека во правната држава имаат „тековни состојби“ и „предизвици“ (читај: поплава од затната канализација!) кои треба да ги реформираат…

И уште дебатава со Пендаровски не ја беа започнале, највисокиот суд во земјава им ја забибери дискусијата најтековно!

Дополнително, истиот ден, во една друга судска зграда беше соопштено дека на главниот бегалец од правдата и на дузина негови осомничени криминални соработници, низа судски предмети им достигнуваат апсолутна застареност, бидејќи „тековниот“ правен систем во земјава ги направи сите потребни одолговлекувања и одлагања, за да не одговараат по обвиненијата. По Закон – ад акта!

А, бе, господине Мас, ние сме – токму во рамките на „билатералната соработка“ што во својот говор ја побарал и Пендаровски од вас – за интервенција на панцир-дивизија овде, а не за политичка коректност и учтивост!

Начинот на кој темелно се искорумпира судството во изминатите три децении, со виртуозната мортална завршница во времето на владеењето на Груевски, беше неопходен процес за да се спроведе редистрибуцијата на моќта, а со тоа и на капиталот во државата. Според тоа, нашиот примарен проблем е во тоа како, во политиката, се стекнува и како се дистрибуира моќта, па дури потоа како се раздава правдата во државата. Можеби тоа се чини како реторичката расправа за приматот на јајцето или кокошката, но се осмелувам да тврдам дека го имаме тридецениското искуство зад нас за, веќе, да донесеме мериторна одлука: никогаш нема да ја реформираме „кокошката“ на правосудството, ако не се зафатиме ПРВО со „јајцето“ на политиката.

Со други зборови, еве, губиме години и години, а и немерливо и необновливо количество на духовна супстанца на нацијата, обидувајќи се да го реформираме правосудството, а ништо не чепкаме околу неговиот „спонзор“ и главен контролор, политиката – пред сè, политичките партии, па изборниот модел, па текот на парите, па „надзорниот систем“ на функционирањето на медиумите итн.

Можеби хаваријата со СЈО – за која нема тажен политичар во државава! – е доволно гласен, последен аларм дека НИШТО суштински нема да се смени со состојбата на правната држава, ако прво не ја смениме политичката држава, која со години, гледаме, рутински ја поразува правната држава на секој терен, во секакви „спортски“ дисциплини и во сите партиски дресови. Во кој, тоа, екипен спорт не се менува тренерот на тимовите кои постојано губат? Во нашиве правосудни реформи повеќе и нема лига – се потрошија! – во која можеме да испаднеме…

Велам, можеби е крајно време од овој епохален реформски неуспех да извлечеме некакви нови поуки? А не само бескрајно да повторуваме како ни е правосудството корумпирано и гнило.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close