А да ги укинеме домашните кошаркари…

фото: МКФ

Укинувањето на правилото за задолжително постојано присуство на тројца македонски кошаркари на теренот во мечевите од домашното првенство би било голема грешка, апсурд што би го турнал овој спорт во уште побрзо назадување од она со кое е соочен последниве години.

Прволигашите (поголемиот дел од нив), гледајќи ги само своите тесни интереси, бараат од раководството на федерацијата (КФСМ) да го укине ова правило донесено само пред една година, а замислено да им даде на домашните кошаркари време на паркетот, толку потребно за да се изградат како играчи.

Да потсетиме, со години домашните играчи беа потиснувани од третокласни странци кои им го земаа времето на паркетот со што нашата прва лига се претвори во „лига последна шанса“ за ислужени или нереализирани играчи од соседството и пошироко. На клубовите главно им беше поедноставно и поевтино да земат „роба“ од страна одошто да создаваат свои сили. Негативниот ефект на овој стил на работа се виде во назадувањето на националниот тим. Некогаш имавме репрезентација кој беше четврта во Европа, беше редовен учесник на европските првенства, но полека дојдовме до состојба да се тресеме дали ќе поминеме некакви претквалификации за големо натпреварување.

Првата лига треба да биде пред се полигон каде ќе се создаваат домашни кошаркари, затоа што реално друга вистинска сврха на нејзиното постоење и нема. Со ова правило се појави надеж дека за неколку сезони домашната сцена пак ќе стане расадник на домашни таленти.

Сега прволигашите бараат работите повторно да кинисаат „во рикверц“. Наводно, домашните кошаркари со ова правило имале привилегиран статус, што не било добро. Домашните играчи и треба да имаат привилегиран статус, затоа што во нив е иднината на македонската кошарка. Како поинаку ќе се создадат нови носители на играта за репрезентацијата како што некогаш беа Владо Илиевски, Тодор Гечевски, сегашниот претседател на федерацијата Перо Антиќ…

Прволигашите велат такво правило немало во поразвиените кошаркарски земји. Кога Македонија ќе стане поразвиена кошаркарска земја, можеби ќе можеме да го укинеме.

Но да се укине едно вакво битно правило за идината на овој спорт, по само една година на сила, би било несериозно. За тоа се свесни и играчите кои преку нивното Здружение од раководството на федерацијата побараа правилото да остане.

За ова правило да покаже ефект треба да минат барем неколку години. Членовите на УО и раководството на КФСМ треба да бидат свесни за тоа. Правилото навистина наметнува одредени тешкотии во пракса, при водењето на тимовите. Но не е работата секогаш да се оди по полесниот пат.

Поради одбирање на полесниот пат стигнавме до денешнава состојба. Најлесно е да се стави акцентот на странците, како што долго правеа клубовите. Но ќе трпи домашниот фонд на играчи и во крајна линија репрезентацијата. А зошто воопшто постои овој спорт во Македонија ако не за да се создаде национален тим кој би бил гордост за земјава како што беше тоа во еден период. Тогаш спортот под обрачите беше спорт број еден. Денеска кошарката е далеку од тие височини и без домашен квалитет ќе остане далеку.

Ако крајната цел не е создавање кошаркари и национален тим, да ги „укинеме“ потполно, да ги направиме само декор, нека играат странците, а ние ќе се потсетуваме на добрите стари времиња кога и ние имавме кошаркари…

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот