Освојување на слободата

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Па, замислете денешната општествено-политичка дебата во Република Северна Македонија да се одвиваше во, на пример, некоја 2014 година во Република Македонија?!

Прво, ќе имавте неколку стотици контра-демонстранти дневно, истоварени од партиските автобуси на власта, кои ќе лежеа на асфалтот пред зградата на Европската мисија во Скопје или ќе висеа на рампата на Бихачка и, меѓу два „државни“ сендвичи, со транспаренти и банери подготвени од владејачката партија, ќе бараа оставка од опозицијата (?!) заради критиките на политиките што ги води власта…

Второ, ќе имавте „кордон“ од триесетина печатени и електронски медиуми, на чело со МРТВ, кои ќе објавуваа десетици истоветни непотпишани прилози и текстови дневно со обиди за најдолни компромитации и дисквалификации на политичките противници, нивните семејства и други неистомисленици…

Трето, целиот државен апарат со својот законски и вонзаконски капацитет, ќе се ставеше на услуга на потребата да се „задуши“ општествената критика – за почеток, претпоставувам дека дневно ќе се додаваа барем по стотина нови имиња на софтверите за илегално прислушување, можеби ќе се качеше на клоци и некој од опозициските пратеници во Собранието, а секако ќе се приапсеа барем неколку несреќници пред камери…

Четврто, наскоро ќе се прејдеше во „безбедносно“ или меѓународно разнишување на државата – ја некои навивачи ќе претепаа други навивачи, ја некоја „неидентификувана“ ракета ќе погодеше некој слеп ѕид на зградата на владата, ја некој амбасадор ќе беше демонстративно „измарширан“ пред некои случајно присутни новинари, ја официјално ќе се омаловажеа три-четири странски државници, по можност од соседството…

И така натаму. Така, пред само неколку години, сегашнава опозиција, од позиција на власт, се однесуваше со критиките и критичарите во јавноста. Многу е рано тоа да се заборави.

А, како е денеска?

Денеска е хаотично, како во современите демократии. Иако не сум сигурен дека оваа општа хистерична врева во која живееме е добар демократски стандард, многу е подобро отколку кога на власт беше партијата која сега секојдневно паѓа во фрас по нивните стари, добри времиња. Денеска опозиционерите се почесто на гости во телевизиите од метеоролозите за временска прогноза, а партиските ботови на твитер и фејсбук водат официјална партиска политика без никакви ограничувања во полувистините и лагите за секој што ќе им се најде на патот. Колку поатрактивна измислица, толку повирална вест, што е суштината на бизнис моделот на социјалните интернет платформи.

Секој што има мобилен в рака е новинар, секој кој еднаш се накашлал е епидемиолог, секој кој бил до пазарот во Ќустендил е квалификуван за толкување на регионалната историја, гледаме и деца со тукушто завршени факултети и со нула професионално и животно искуство како самоуверено препорачуваат економски кризни мерки и реформи во правосудството…

И сето тоа е подобро од она што беше. Луѓето ја освојуваат слободата, иако ќе треба време да се справат со одговорноста што таа ја подразбира. Демократската надеж е дека, на крајот, доброто, сепак, ќе победи.

Но, проблемот е што тој простор во кој оперира слободата на говорот, а кој подразбира и лаги и дезинформации и грешки и незнаење, е феноменален терен за демагози и пропагандисти, а „помошен терен“ за насилници и фашисти. Што би рекла Хана Аренд, нивната цел и не мора да е да ги придобијат луѓето на своја страна, колку да ги натераат „да побараат спас во цинизмот“ – „Сите се исти!“, би била нашата, локална цинична верзија.

А, еве, гледаме дека не се исти. Дури и кога ќе претераат со умилкувањето кон надразнетата пропагандистичка јавност, како во случајот на Љупчо Николовски и Зоран Заев со барањето за смена на Лидија Димова заради „етички причини“, пред што било да се утврди за нејзината реална професионална одговорност. Би било совршено демократски Управниот одбор на таа Агенција јавно да ги „измаршира“ и Николовски и Заев и да им порача дека, додека „надлежно“ не се востановат вистинските – а не фејсбук – причини, не би била етичка нејзината смена.

Тоа е патот по кој доброто во наново освоената слобода, на крајот, може да победи. Инаку играта се сели на „помошниот терен“ на цинизмот, на кој сите се исти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот